Приближно еден од 10.000 Македонци е калуѓер: 10 векови монаштво
Манастирот на Воведение на Пресвета Богородица-Елеуса, денес
- повторно, како пред десет века, стана духовен расадник на монаштвото во
Македонија. Спонтано, во духот на илјадогодишната традиција, прво беше возобновено машкото монаштво во
него, за една година подоцна да продолжи да живее како женски општежителен
манастир. Тогаш, во 1996-та година, беше возобновен прво Водочкиот манастир на
Св. Леонтиј како машки манастир. Потоа, по 1998-та до сега, уште повеќе од
дваесет машки и женски манастири низ териотријата на Република Македонија.
Денес, неофицијалната статистика според
Македонската православна црква вели дека приближно еден од 10.000
Македонци е монах- калуѓер или
калуѓерка.
А, Македонија е богата со манастири и цркви. И тие се бедемот на македонската историја, сведоци на времиња и невремиња, на исконската сила, на вербата, на цврстината, на истрајноста... Земјава е библиска, а христијанството од памтивек е присутно на овие простори.
Првото доаѓање на Св. апостол Павле на европско тло, при благовестењето на Евангелиото меѓу јазичниците, се случува во Македонија. Оттогаш, на ова балканско парче земја доживеано во поширока или потесна смисла, почива апостолскиот благослов. Оттогаш, сите форми на подвиг во Црквата се пројавиле и тука. Рамноапостолни, маченици, проповедници, учители, архиереи, преподобни... Оваа земја раѓала и раѓа свети души. Многу имиња на анонимни светители останале непознати низ вековите, но запишани на Небесата- како што наведува Македонската православна црква. Многумина пак, се споменуваат во житијата на светителите во сите помесни православни цркви на овој простор.
Историските списи тврдат дека за прв пат масовно се возобновува православното монаштво во Македонија со доаѓањето на светите Климент и Наум во тогашната погранична и неразвиена област - Кутмичевица, на бреговите на Охридското Езеро, во првата половина од X век. Во историските книги и научните трактати овие двајца просветители на Македонците се величаат по својата мисија на синтеза на кирилицата и просветителската дејност во Охрид, како основоположници на првиот универзитет на писменостa во Македонија - т.н. Охридска книжевна школа. Но, честопати се пренебегнува или заборава фактот дека 3500-те и повеќе ученици на Св. Климент чиј број се споменува во опширното Светиклиментово житие, кои се собрале околу него во првите седум години од неговата учителска дејност, во манастирот Св. Пантелејмон, на Плаошник, а и подоцна повеќето ученици на Св. Наум во Охрид и во манастирот на Светите Архангели, на изворите на Црн Дрим, всушност биле: монаси. Од нив многумина Св. Климент ракоположил за чтеци, ѓакони, свештеномонаси. Подоцна некои од нив примиле хиротонија за епископи. Преданието вели дека еден од учениците на Св. Климент го возобновил монаштвото во околината на градот Прилеп, во Варош, каде биле изградени (по угледот на Охрид) голем број цркви и манастири.
*Фото: Св. Јован Бигорски
Втор бран на возобновување на монашкиот живот во Македонија, во историските списи е забележан од 1085 до 1106 година, по хиротонијата на преподобниот отец Мануил за епископ Тивериополски, при основањето на манастирот Пресвета Богородица-Елеуса, во темата Струмица, над селото наречено Палеокастро. Манастирот на Пресвета Богородица-Елеуса бил еден од ретките манастири во историјата на Православието што не потпаѓал под јурисдикција на локалната црковна власт, ниту под Вселенскиот Патријарх, туку негова игуманија е Богородица, (првиот катигумен поставен од епископот Мануил, бил јеромонахот Илија). А со хрисобула од самиот византиски цар за време на династијата Комнени му биле допуштени неограничени суверени права над сопствените манастирски поседи и типик. Овој манастир, во наредните два-три века станува монашки духовен расадник за манастирите на југоистокот од Македонија, по долината на реката Брегалница.
*Фото: Св. Јован Бигорски
Пустиножителскиот подвиг на Св. Гаврил Лесновски (кон крајот на X век) и Св. Јоаким Осоговски (втората половина на XI век), е темел на подоцнежниот повторен подем на општежителното монаштво на овие простори, сѐ до XV век, до наездата на Турците Османлии. Во овој период се осветуваат во монашкиот подвиг и делуваат Св. Никодим Прилепски-Тисмански (основоположникот на романското монаштво, родум од Прилеп), Св. Нектариј Битолски, учениците на големиот учител на исихастичката молитва - Св. Григориј Синаит - Синаитите, учениците на Св. Григориј Палама. Македонија, како и околните балкански предели, станува монашка колевка.
По еден период на затишје и „ртење“, семето на монаштвото повторно почна да никне во Македонија. По молитвите на Богородица, мајката на сите монаси, по молитвите на македонските светители (ако воопшто епитетот на одреден топоним може да биде придружен кон името на некој светител, оти светителите молитвено посредуваат пред Бога за сиот свет). Процесот на возобновување на монаштвото се повтори, никна од старите корени. Како и пред десет века, со доаѓањето на преподобниот Мануил од светата гора Авксентиј, и неговото востоличување за епископ Тивериополски. Како и пред тоа, со доаѓањето на светите Климент и Наум, со Климентовото ракополагање за епископ на Дремвица и Велика...
„Монахот е човек, кој не се меша со народот,
туку постојано општи со Бога Единиот. Гледајќи е виден, сакајќи е сакан;
станува светлина, просветлен на неискажлив начин. Кога ќе се прочуе на далеку,
себе се смета за посиромав, а зближувајќи се со другите, си останува туѓинец.
О, чудо, онолку необично, колку и неискажливо. Сиромав сум поради неизмерно
богатство, и ценам дека ништо немам, а имајќи од сè премногу, велам дека сум жеден
и при толку вода“.
– Свети Симеон Нов Богослов
И Биорскиот манастир е расадник на монаси. Манастирот е основан во далечната 1020 година од првиот Охридски Архиепископ Јован Дебранин. Посветен е на Крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него.