Само онлајн-обложување во Македонија?
На дневниот ред на денешната владина седница збор ќе стане и за можноста да се воведе само онлајн обложување во Македонија, објавува ТВ Алсат, додека можност да се игра непосредното нема да има, односно ќе дојде до затворање на подружниците.
Се работи за предлог на Министерството за финансии, а извори од Владата за телевизијата велат дека со ова решение се очекува 50 милиони евра годишно од даноци.
За безбедноста на обложувањето и на плаќањата ќе бидат потребни банкарски гаранции затоа што главно станува збор за дејност која ја водат офшор компании.
Министерката за финансии Нина Ангеловска потврди дека ова ќе се разгледува на Влада, објаснувајќи дека на оваа иницијатива се работело во изминатиот период.
„Но, ова не е нешто сосема ново, затоа што ако го погледнете и постојното законско решение, ќе видите дека и тоа содржи одредби и членови за онлајн игри на среќа, вклучително и за онлајн обложување, казина и автомат клубови. Ова го има во постојното законско решение, но досега не беше имплементирано во пракса. И пред оваа криза беа изработувани компративни анализи бидејќи речиси сите земји го имаат овозможено. Тоа е важно во овој период, од аспект дека 8.000 лица работат во индустријата, и би било мерка во насока на подобрување на регулативата. Така ќе се надмине проблемот со физичките локации“, рече министерката.
Таа нагласи дека 40 милиони евра се прибираат во буџетот од овие приредувачи.
„Се работи за подобрување на регулативата. Во период на вонредна состојба мора да се адаптираме и да се носат одлуки за доброто на државата“, рече Ангеловска.