Што се крие во овој сад? Цела Македонија е во него- Урна со остатоците од херојот Гоце Делчев

Македонија има богата историја. И секој период си носел свои нешта кои ја оформувале или разединувале земјата. Денес за жал историјата е предмет на расправија и се бараа соодветно решение за толкување на настаните и личностите. Како што знаеме сите, „се кршат копја“ токму за една личност...

Постојат повеќе верзии за загинувањето на Гоце Делчев, изнесени од непосредните сведоци на неговата смрт. Михаил Чаков истакнува дека взори бил разбуден од еден полјак од селото кој му јавил дека Баница била полна со аскер. Потоа го упатил кај Гоце за да му го соопшти истото. Меѓутоа, штом полјакот слегол доле бил прибран од аскерот. Чаков слегол долу и се упатил кон куќата каде што бил сместен Гоце. Од таа куќа излегле две девојчиња, кои му рекле и тој да се прибере во таа куќа. При средбата, Гоце направил распоред за одбраната, а потоа, штом забележал дека војската одела по куќите и претресувала, заповедал да излезат и тргнат низ селото.

*Портрет на Гоце Делчев во темелите на камбанаријата во Баница

Пејо Јаворов дава малку поинаква верзија. Рано изутрина Гоце и другарите биле разбудени од некоја баба која им рекла: Станете, момци! Аскер го загради селото и пребарува по куќите. Гоце и комитетите биле готови за борба. Војската пребарувала по куќите и го собирала населението. Тие стигнале до куќата каде што бил Гоце со другарите. Гоце предложил да излезат од селото за да не биде запалено. Наместо да го чека мракот во утврдената камена куќа, наредил да излезат и да тргнат низ селото. По решението на Гоце, сите излегле на улица и се провлекувале до крајот на селото, каде што се наоѓала последната војска, и според Јаворов, Гоце извикал: 

Легнувајте! Првата пушка тој ја пукнал. Сите залегнале, а Гоце, според Чаков, застанал простум да ја полни пушката. Како луд му свикав: Легнувај, Гоце! Легна, но на самото легнување еден куршум го пронижа во левата града, и тој падна врз својата пушка... ги кладе двете раце наземи и се обиде да се крене гледајќи кон другарите што беа се растуриле покрај ѕидот на куќата и ги рече последните зборови:

Ах, момци, рани... и пушти душа. Веднаш го фатив за левиот опинок, како што беше легнал по очи и колку глас ме држи викав: Гоце, Гоце! - Никаков одговор. Изгасна за секогаш јуначката натура. 

Во борбата кај Баница учествувале 14 борци. Биле убиени: Гоце, Стефчо Трлишанчето, Кољо Консулата, Димитар Гуштанов. Бил ранет: Ѓорѓи Савеклијата. Другите се извлекле преку една плевна и заминале од селото. За одмазда, аскерот го запалил селото и го бомбардирал со топови. Биле изгорени 124 куќи, изгорени селани 5, убиени 4, затворени 24. Во текот на борбата телото на Гоце останало на местото каде што тој паднал. По борбата Тефиков го познал Гоце и дал наредба да се пренесе во Сер. Тоа го сакале и некои други видни турски управници од Сер за да го носат Гоцета како воен трофеј и да го деморализираат населението. Меѓутоа, пристигнала наредба од Солун да се остави Гоцевото тело во Баница и тука се погребе. Така загинал Гоце во Баница, храбро и достоинствено. Го даде својот живот за ослободување на Македонија.

Трагичната судбина на Гоце ја завила Македонија во траур. Неговата смрт претставува ненадоместлива загуба за македонскиот народ. Овај настан особено ги погодил смилевските конгресисти. На 31 годишна возраст слегла од животната и историската сцена, несомнено, најдинамичната личност на македонското револуционерно национално ослободително движење во предилинденскиот период, којшто оставил трајни траги во поновата македонска историја.

*Урна со остатоците од Гоце Делчев што се чувал во Софија, Бугарија, до 1944 година.

* Урна со остатоците од Гоце Делчев - денес во црквата Свети Спас во Скопје, Македонија


Чествувањето на ликот на Гоце Делчев е тесно поврзано со неговата револуционерно национално-ослободителна борба. Едно од најголемите чествувања е пренесувањето на Гоцевите останки од Софија во црквата „Св. Спас“ во Скопје, ова чествување било една од најголемите манифестации во историјата на современата македонска држава со највисоки државни и воени почести. Во конаците на црквата Св. Спас е сместен Музејот на Гоце Делчев, во кој се изложени парчиња на оружје и други експонати. Може да се најде комитска облека, може да видите парчиња оружје од приватни колекции, јатагани, куршуми, пушки и др.

На 7 октомври 1946 година со голема свеченост и со највисоки почести од Софија биле испратени посмртните останки на Гоце во главниот град на тогашната Народна Република Македонија, Скопје. По повод испраќањето на останките, регентот и член на Бугарската академија на науките, Тодор Павлов одржал говор на свечено собрание одржано во Народниот театар во Софија. Откако поминале низ Пиринска Македонија и низ повеќе градови во слободна Македонија, посмртните останки со највисоки државни и воени почести биле пречекани во Скопје и положени во црквата „Св. Спас“.

Фото: Википедија