Со студија и 3 метри под нивото на Вардар, беше неприкосновена: Денес избледена

Таа е еден од главните симболи на Скопје. Без неа градот не би бил целосен.

Проектирана три и градена осум години, зградата на Македонската радио- телевизија од почетокот на осумдесеттите години, претставува маркантно архитектонско обележје на метрополата. Со своите 19 ката и 90 метри височина, се смета за една од највисоките згради во Скопје и во Македонија.


И токму големината е најчестата забелешка што се упатува на сметка на зградата. Сите решенија во врска со објектот се направени врз основа на технологијата што постоела во тоа време. Но тогашните услови налагле да се направи голем објект.

Потребата да се изгради нов објект се појавила по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, кога паднал и тогашниот објект на Радио Скопје, а сите екипи се преселиле и емитувале од шатори и од бараки во Нерези.

Кога се правел новиот план за градот, се добила и многу добра локација за објектот. Формирана е експертска група, составена од инженерите Кирил Ацевски, Кирил Петровски и Крсто Ристовски, кои направија идеен проект. За него се консултирале во поголемите европски ТВ-куќи и од сите добиле позитивно мислење. Врз основа на тој концепт, проектантското биро на "Бетон" изработи и главен проект. Одговорни проектанти за подготвувањето на инвестициско-техничката документација биле Кирил Ацевски, Нако Манов и Харалампие Јосифовски.


Проектирањето траело од 1971 до 1974 година, кога почнала изградбата.

Од архитектонски аспект, се работи за современ објект со висечки фасади од стакло и мермер и од алуминиум. Граден е според сите технички стандарди и прописи. Зградата е направена со контрола на ИЗИИС, а кога се изградила армирано-бетонската конструкција, врз неа се извршил тест за издржливост на земјотреси

Објектот е составен од четири блока - музички и радиостудија, драмски и телевизиски студија и кулата како административен објект. Има вкупно 14 други студија. Телевизиските имаат површина од 400 квадратни метри, а околу нив има повеќе помошни простории - шминкерници, одаи за одмор и сл. Во едно од музичките студија можат да се сместат оркестар и хор, составени од 120 луѓе и 50 луѓе публика. Два ката од објектот беа отстапени за кинотеката.


Она што е интересно се музичките студија, градени 11 метри под земја и достигаат три метри под нивото на Вардар. Имаат по три пода и по три ѕида и големи акустични врати, тешки по четири тона, колку што тежат и светлата.

Оваа грандиозна градба го доживеа својот сјај веднаш по изградбата и години потоа. Важеше за најдобра во поранешна Југославија. Со ентериер и екстериер кој восхитува. Потоа започна нејзината слава да бледнее, да старее, да се подели просторот за други намени кои немаат врска со телевизија… 

И се уште чека да биде како во старите времиња…Неприкосновена, како што ѝ доликува.