Телеком Италија ги откупи правата за „Сказните на Биби“ - од септември, Биби и Боби ќе бидат дел од секојдневието на италијанските деца

Денес и официјално беше потпишан договорот помеѓу „Телеком Италија (TIM)“ и македонскиот детски бренд „Светот на Биби“, со кој италијанскиот телеком ги откупи правата за емитување на популарната анимирана серија „Сказните на Биби“ на својата СВОД платформа „TIMVision“. Емитувањето започнува од септември 2025 година.

„Телеком Италија (TIM)“ е водечки телекомуникациски оператор во Италија, со милиони корисници и богата понуда на дигитални и стриминг содржини преку својата СВОД платформа „TIMVision“, која е достапна на територијата на цела Италија.

„Светот на Биби“ е најуспешниот едукативно-забавен бренд за деца во Македонија и пошироко во регионот. Со над 100 милиони прегледи на Јутјуб, брендот ги освојува срцата на децата преку анимирани серии, песни, интерактивни книги, образовни програми и лиценцирани производи. 

Серијата „Сказните на Биби“, која е дел од оригиналната продукција на брендот, се емитува на повеќе национални и регионални телевизии. 

Оваа интернационална соработка претставува важен чекор за глобализацијата на брендот и доказ дека квалитетните, автентични и образовни содржини создадени во Македонија можат да најдат свое место на светската сцена.