Виленското ракче: Постои само во Македонија и никаде во светот

Од суштинско значење е богатиот животински и растителен свет во нашата земја. На толку мал простор имаме многу природни реткости, што скоро и да ги нема во останатите делови од светот.

Треба сите да бидеме свесни за опстанокот на флората и фауната која не опкружува, но не само со иницијативи, туку со вистинско делување на терен.

Нашите предели се место на повеќе видови на животни кои се на работ од истребување и се строго заштитени со закон. Загрозени и заштитени видови има околу 113, од кои 30 риби, 1 влекач, 66 птици и 16 видови на цицачи. Од цицачите се вбројуваат  рисот, мечката, дивата коза, волкот, еленот, лилјакот и други, а од птиците златниот, суриот и царскиот орел, египетскиот и белоглавиот мршојадец, лисестиот глувчар и соколите...

Но, не смее да се заборави еден, единствен примерок! Велат дека го нема никаде во светот, само кај нас. Се работи за Виленското ракче- Chirocephalus pelagonicus. Самото име го детерминира неговото место на живеење- живее во Пелагонија, во локалитетот викан Локви, во близина на селото Големо Коњари, Прилепско. 

Подрачјето на мочуриштето е природен резерват и е прогласен за споменик на природата. На листата на загрозени животни на ЕУ се наоѓа и ова животно.

Домот на животинчето е во вода која има мали количини на сол. Местото Локви изобилува со алкални дождовни базени односно вирови. Ракчето има единствена комбинација на морфолошки карактери. Многу е мало, околу 2 см. Но има цврста обвивка која му овозможува опстанок во зима и во суша. Ова е карактеристично најмногу за женското ракче кое при крајот на мај полага јајца.

Имаат интересна структура. Конусоидни се и трнливи. Се развиваат на длабочина до 60 цм.

Со ваков раритет, како и со останатите ендемски видови на животни овде, ни даваат за право да се гордееме со нив и многу подобро да се грижиме за нив. 

За Виленското ракче и локалитетот Локви има одлично објаснување и детално истражување во Образложението на предлог на законот за прогласување на локалитетот Локви- Големо Коњари за споменик на природата.