Во оваа огромна земја е 2018 година, а има само 12 часа во денот! Користат уникатен календар и се повеќе од седум години зад светот
Етиопија има единствен календар, кој поинаку ги пресметува годините, деновите и месеците. На тој начин патниците кои ја посетуваат оваа земја наидуваат на необично „патување низ времето“ и се враќаат точно седум години и осум месеци во минатото. Иако поради глобализацијата се зголемува притисокот во земјата да се усогласи календарот со оној на остатокот од светот, Етиопјаните сè уште не се откажуваат од својата традиционална пресметка за текот на времето.
Зошто Етиопија, втората најнаселена земја во Африка (125 милони жители), седум години и осум месеци е „зад“ поголемиот дел од светот? И како тоа функционира за Етиопјаните кои живеат на сè поповрзана планета која главно работи во сосема поинаква ера? Одговорот лежи во традицијата стара илјадници години, но и во поврзаноста на календарот со чувството за национален идентитет во Етиопија.
Имено, во таа земја годината на раѓањето на Исус Христос се пресметува седум или осум години подоцна во споредба со Грегоријанскиот календар што го користел западниот свет, а кој го вовел папата Григориј XIII во 1582 година. Некои експерти тврдат дека Римската црква ја прилагодила пресметката околу 500 година од нашата ера, додека Етиопската православна црква одлучила да се држи до старите датуми.
Затоа, голем дел од светот го прифати Грегоријанскиот календар, но Етиопија го задржа својот. Тој е стар најмалку 1.500 години и има многу сличности со коптскиот календар на Египетската православна црква со седиште во Александрија. И двата календара го следат Сончевиот-Месечев систем. Една година трае 13 месеци, од кои 12 траат 30 дена.
Последниот месец има само пет дена или шест ако е престапна година. Тој месец на крајот на годината се нарекува Пагуме, што на грчки значи „заборавени денови“.
Во секојдневниот живот, сепак, ваквиот календар понекогаш создава проблеми, пишува CNN. Меѓународните компании и училишта во Етиопија го следат Грегоријанскиот календар, така што многу жители немаат друг избор освен да ги користат и традиционалните етиопски и западни календари. Некои институции мора постојано да се префрлаат помеѓу два календара кога се занимаваат со Етиопјаните, а понекогаш дури и мали нешта, како што е барањето извод од матичната книга на родените, може да бидат проблем, доколку сакаме да се спојат етиопскиот и западниот систем.
За работите да бидат покомплицирани, во Етиопија, покрај календарот, поинаку се пресметуваат и часовите во денот. Во повеќето земји денот започнува на полноќ, во Етиопија користат 12-часовен систем кој трае од утро до мрак. 7 часот наутро во поголемиот дел од светот е 1 часот наутро во Етиопија.