Возот е долг 1 километар: Најдолгиот во светот, влезе во Гинис

Кон крајот на минатиот месец, повеќе од сто и педесет луѓе тргнаа со најголемиот воз на светот, кој се движеше по пругата долга 25 километри околу швајцарските Алпи, од Преда до Алвенеу на југоисточниот дел на земјата...

Одбележувајќи ја сто седумдесет и петгодишнината од првата железница во Швајцарија, железничарите од сите кантони се собраа заедно за да влезат во Гинисовата книга на рекорди со составување на најголемиот воз на светот со сто вагони, тежок 2.990 тони и долг 1,91 километар.

Патот е изведен на линијата Албула, која е под заштита на УНЕСКО и е позната по своите неверојатни кривини и стрмни спуштања. Составот, со кој управуваа седум машиновозачи, стартуваше од 1.788 метри надморска височина, пред да достигне 999 метри, развивајќи максимална брзина од 35 км/ч. Ова патување беше организирано од транспортната компанија Rhaetian Railway, со поддршка на производителот на возови, компанијата Stadler.

„Швајцарија е земја на железници повеќе од која било друга во светот. Оваа година славиме 175 години од првата швајцарска железница. Со овој обид да се сруши светскиот рекорд, компанијата RhB и нејзините партнери сакаат да ја одиграат својата улога во почестувањето на нашите пионери како никогаш досега“, изјави директорот на швајцарскиот транспортен гигант, Ренато Фашиати.