За вештачката интелигенција со Небојша Гелевски: Воодушевен сум од квантниот скок на развојот на технологијата на ова поле - како сценарио од научнофантастичен филм кога станува реалност
Вештачката интелигенција во последно време побудува голем интерес, го предизвикува вниманието на пошироката јавност поради нејзината сеприсутност, ја има веќе во сите области, меѓу нив и авиоиндустријата, медицината, производството, финансискиот сектор..., вклучително и дизајнот, се разбира. Благодарејќи на големиот број алатки во генерирањето слики, нивното едитириње, илустрирањето..., очигледно дека и графичката уметност во голема мера се ослонува на оваа технологија. Очекувањата се дека истата ќе биде сѐ поприсутна, позначајна. Едновремено се поставува и прашањето за можноста вештачката интелигенција да им ја „земе“ работата на дизајнерите, но и на останатите - дали стравот дека многумина ќе бидат отпуштени е основан. За да се одговори на него, па и на другите, прво треба да се разбере овој вид технологија, нејзините предности - моќта, имајќи ги предвид и недостатоците, маните.
Разговорот со графичкиот дизајнер Небојша Гелевски е поттикнат токму од нив, со цел да ги разјасниме. Соговорникот инаку е прв човек на Кома лаб, една од водечките агенции за графички дизајн и печатење во земјава - графички активист, собирач на ретро македонски графички материјали, вљубеник во фотографијата, кој од пред извесно време не само што ја анализира моќта на вештачката интелигенција во создавањето визуелни решенија туку и се воодушевува од неа. Во исто време држи предавања, обучува на неколку факултети, академии како гостин, ментор од доменот на визуелните комуникации, визуализирањето податоци и слично.
ММ: Наголемо се говори за моќта на вештачката интелигенција, која во последно време е и предмет на Ваш интерес, анализирајќи ја. Дури и нескриено е Вашето восхитување од неа. Можете да ни кажете во што се состои таа, нејзината „сила“? Од Ваша гледна точка, Вие сте графички дизајнер.
Н. Г.:Воодушевен сум од квантниот скок на развојот на технологијата на ова поле. Како сценарио од научнофантастичен филм кога станува реалност. Денес компјутерите со помош на вештачката интелигенција (ВИ) можат за неколку секунди да генерираат слика според описот кој (ние луѓето) им го задаваме во текстуална форма. Восхитувачки, зар не? Една од супермоќите на ВИ генераторите на слики е способноста да креираат слики брзо и ефикасно. Другата е дека „учат“ неверојатно брзо. Потребен им е единствено сет од уметнички дела од одреден автор и за кусо време можат да ја совладаат неговата техника и стил на цртање, а потоа ВИ може да продуцира слични слики самостојно. Третата моќ произлегува од цената на чинење - визуелните производи на ВИ чинат неспоредливо поевтино од оние на уметниците. Четвртата моќ е дека во својата база го има целокупното цивилизациско уметничко творештво. Морам да признам дека сето ова истовремено ми е и восхитувачки, но и застрашувачки, а секако е придружено со многу сериозни етички дилеми.
ММ: Што Ве импресионира особено? Ќе издвоите нешто конкретно, некоја техника? Веќе ја користите? Дали ја совладавте лесно? Сето тоа за лаиците изгледа како бауч.
Н. Г.: Мене лично најмногу ме импресионира брзината и „знаењето“. Го познава стилот на речиси сите значајни уметници и во неколку секунди може да направи слика, уметничко дело, комбинирајќи два, три или пак десет различни уметнички стилови. Ова отвора неверојатни можности за уметничко истражување и експериментирање. Исто така, фасцинира „желбата да научи“ - ако ВИ нешто не знае, може и е подготвена да го научи, за разлика од нас луѓето кои имаме различни афинитети кон различни области и различна желба за учење. Ова таканаречено тренирање или учење на ВИ сум го практикувал и самиот, што е уште една супермоќ на ВИ, која ме фасцинира.
ММ: Вештачката интелигенција е сеприсутна, ја има насекаде, во сите домени би рекол. Како би ја дефинирале Вие, наједноставно? Во што се разликува од „машинското учење“ на пример? Многумина го поистоветуваат со неа. Факт е дека се поврзани, но сепак во прашање се различни дисциплини. Тоа што „Гугл“ може да предвиди што ќе напишете во полето за пребарување, тоа е... Што?
Н. Г.: Многу се слични, ќе се обидам да ги објаснам преку нивните дефиниции и особености... Вештачката интелигенција (ВИ) е гранка на компјутерската наука која се занимава со создавање интелигентни машини кои можат да извршуваат задачи за кои вообичаено би била потребна човечка интелигенција, како што се препознавање говор, донесување одлуки и решавање проблеми. Таа е присутна секаде, од машини за миење садови до автономно управувани возила - практично во сите домени го револуционизира начинот на кој живееме и работиме.
Машинското учење е подгрупа на вештачката интелигенција што се фокусира на развојот на алгоритмите кои на компјутерите им овозможуваат да учат од податоците и да прават предвидувања за нив. На пример, способноста на Google да предвиди што ќе напишете во полето за пребарување е апликација за машинско учење, каде што алгоритмите се обучени од големи збирки на податоци да ги разберат шемите и да прават предвидувања.
Накратко, вештачката интелигенција и машинското учење се поврзани, но се различни дисциплини во областа на компјутерската наука. ВИ опфаќа широк спектар на технологии и апликации, додека машинското учење конкретно се фокусира на овозможување на компјутерите да учат од податоците.
ММ: Креативноста е својствена за човекот, па оттаму и прашањето - може ли вештачката интелигенција да ја потисне, во смисла на едноличност, еднообразност, монотоност? Или пак сметате дека напротив, таа е неприкосновена дури и кога се работи за дизајнот базиран на вештачката интелигенција?
Н. Г.: Овде само ќе го парафразирам „размислувањето“ на ChatGPT(ВИ робот муабетџија), со што се согласувам потполно: вештачката интелигенција може да биде корисна алатка за креативноста, но не може да ја замени креативноста и интуицијата на луѓето. Иако вештачката интелигенција може да создаде некои видови на креативност, како што е во случајот на генеративни модели на пример, мала е веројатноста, ако не и невозможно, таа да ја замени интуицијата на луѓето. Затоа, на дизајнот базиран на вештачка интелигенција треба да се гледа како на соработка меѓу луѓето и технологијата, каде што луѓето имаат значаен удел во одлуките и креативниот процес.
ММ: Според Вас, која е највпечатливата импликација кога се работи за примената на вештачката интелигенција во графичкиот дизајн? „Космополитен“ минатата година (во јуни) за прв пат ја „лансираше“ насловната страница креирана со помош на софтвер за генерирање слики (доколку се сеќавате, со космонаутката). Има доста алатки.
Н. Г.: Токму употребата на ВИ при креирањето на насловната страница на „Космополитен“ е начинот на кој гледам како луѓето треба да ја употребуваат ВИ во графичкиот дизајн.
Да го анализираме процесот на креирање на оваа насловна страница... Врз основа на човечки опис, ВИ генераторот на слика DALE-E 2 ја генерирал илустрацијата на астронаутката на непозната планета. Графичкиот дизајн е многу повеќе од генерирање илустрација. Графичкиот дизајн на насловната на „Космполитен“ содржи многу елементи кои се дизајнирани од човекот: логото, бојата на логото, зелените линии, сите најави, текстови и слично. Човек дизајнер одлучил и реализирал композиција во која само COSPOLITАN се наоѓа зад астронаутката, графичкиот дизајнер/ка одлучил/а и на кои места да се постават сите други графички елементи, т.е. да се создаде ова графичко-дизајнерско дело. Тоа сепак се процеси и одлуки направени од човек. Секако, ова е одличен пример да се илустрира „соработката“ помеѓу ВИ и луѓето.
ММ: Постои ли нешто што вештачката интелигенција не може (сега за сега), па дури и не „сака“? Мислам на дизајнот, се разбира.
Н. Г.: Во моментов ВИ генераторите не можеме да ги наречеме „графички дизајнери“. ВИ генераторите не нудат готови графички решенија. Основните елементи со кои графичките дизајнери творат се линијата, формата, бојата, белиот простор, текстурата, типографијата и „увезениот“ елемент - уметничката слика, фотографијата, илустрацијата и слично, кој го користиме како дополнителен елемент во дизајнот. Во моментов ВИ генераторите солидно го генерираат „седмиот“ или „увезениот“ графичко-дизајнерски елемент.
Со комбинирање на сите елементи на графичкиот дизајн, особено со типографија, ВИ не се снаоѓа добро.
ВИ генераторите имаат и други мани, како на пример ниска резолуција на излезните резултати, гличови и чудни грешки, неконтролирани резултати, не можат да генерираат потполно нова идеја, тие само комбинираат идеи од базата и слично.
ММ: Сѐ повеќе дизајнери се приспособуваат на новите околности, промени..., кои влијаат на брзината, ефикасноста во работењето, а незаобиколно и на релацијата дизајнер - клиент - крајно решение (производ). Какви се можностите во овој поглед? Можете да илустирате со пример?
Н. Г.: Иако лично не сум ги искористил ВИ генераторите за комерцијални клиенти, ја следам ситуација и мислам дека ќе „соработувам“ со ВИ во доменот на генерирањето слики и илустрации. Ми се допаѓа и непредвидливоста во генерираните решенија, кои ме инспирираат и отвораат нови идеи и перспективи кај мене и во моето дизајнерско решение, така што ВИ е одличен „креативен“ брејнсторминг „партнер“.
Добри примери за паметно користење на ВИ во дизајнот се Бранко Прља и Нина (Георгиева) Геометриева. Бранко Прља направи две книги, комплетно илустрирани од ВИ, овде мораме да нагласиме дека сите илустрации подоцна биле обработени и колоризирани од Бранко Прља (книгите можете да ги погледнете на Арно.мк). Нина направи цела модна и технолошка колекција од иднината (насловена „2056 година“). Делата се направени од стакло, а серијата се вика Пепелашка и може да се види на нејзиниот инстаграм-профил.
Во светски рамки, дизајнерите сѐ повеќе истражуваат и ги користат придобивките на ВИ. Реално, ова е само почетокот зашто технологијава е јавно достапна само неколку месеци. Еден бескрајно широк простор со нови можности се отвора пред нас.
ММ: Ме интересира, како се регулирани правните работи? Плагијатите (копиите), злоупотребите се присутни насекаде. Има етички кодекс?
Н. Г.: Овде работата е крајно компликувана. Сопствениците на генераторите јавно потврдуваат дека нивните системи се тренирани со милијарди слики од интернет.
За нивната употреба немаат дозвола од сопствениците на авторските права и воопшто не се водело сметка дали се лиценцирани, слободни за користење или пак се заштитени со „водени“ жигови. Собрана е речиси цела база на креативно творење на човечката цивилизација која ја има на интернет - фрапантно голема база.
Базата содржи и слики од живи уметници кои сѐ уште творат и тоа им е основна егзистенција. Овие уметници со право се лутат, без нивна дозвола нивните слики се во базата и генераторите го „научиле“ нивниот стил на сликање/цртање и речиси совршено ги копираат. Аргументот на сопствениците на генераторите е дека според тековните законски прописи уметничкиот стил не може да биде заштитен од копирање, додека секое индивидуално дело може и е заштитено со закон за авторски права. Реалниот проблем е што сопствениците на генераторите почнуваат добро да заработуваат, благодарение на базата сочинета од делата на уметниците. Во исто време уметниците се плашат дека ќе загубат голем дел од пазарот со илустрации.
Според актуелните законски прописи се чини дека нема прекршување на законите, но од друга страна, пак, сметам дека не е етички сопствениците на генераторите да заработуваат врз база на уметноста која ја создаваат бројните уметници што живеат од својата уметност. Во моментов има повеќе тужби од страна на уметниците против компаниите на ВИ генераторите, но останува да видиме што ќе кажат судовите. Мое очекување е дека оваа ВИ „револуција“ веројатно ќе предизвика и менување на регулативата во доменот на авторските права, па со тоа се надевам дека ќе се регулира и пазарот.
ММ: На што работите во овој момент, што Ви е предмет на истражување, анализа? Новините поврзани со вештачката интелигенција, нејзината употреба во графичкиот дизајн, се речиси секојдневни.
Н. Г.: По почетната фасцинација со ВИ, кога ВИ ја искористив да генерирам слики и илустрации од великаните на Македонија, како Гоце Делчев, Блаже Конески, Кочо Рацин, но генерирав и ВИ модели од црешовото топче и Македониумот, сега истражувам други можности и други генератори. Почнав да експериментирам и со анимација и тука резултатите се многу интригантни. Речиси секојдневно истражувам и учам. Со Академијата за графички дизајн Brainster организиравме и јавно предавање на темата „ВИ и графичкиот дизајн“, каде што го споделив сето мое досегашно знаење со јавноста, видеото е достапно на Јутјуб.
ММ: Постојано се истакнуваат придобивките од вештачката интелигенција. Но, само по себе се наметнува и прашањето за нејзините недостатоци - ги има ли воопшто? Можете да ги согледате?
Н. Г.:Вештачката интелигенција како секоја друга технологија не е идеална и има недостатоци. Еден од најголемите недостатоци на ВИ е нејзината ограниченост во однесувањето и разбирањето на емоциите и контекстот. Таа е програмирана да обработува и анализира податоци, но не може да ги почувствува или разбира на ист начин како луѓето. Тука се доведува и прашањето за базата од која учи ВИ - замислете да земе погрешен податок од интернет и да го „научи“ како вистинит. На пример, најнапредните Chat bot-ови можат да дадат неточни одговори. Microsoft изгуби 150 милијарди долари на берза „само“ затоа што нивниот Chat bot Bart даде погрешна информација на самата промоција, со кусо пребарување веднаш се увиде дека Bart згрешил. Греши и најдобриот ChatGPT. ВИ во моментов е далеку од совршена, веројатно никогаш нема ни да биде затоа што зависи од базата на податоци, а кој може да гарантира дека тие се без грешни податоци во себе?!
ММ: Луѓето имаат страв од губење на работата со напредокот на вештачката интелигенција. Оправдано е стравувањето? На што се должи истото?
Н. Г.: Стравот од губењето на работното место е вкоренет во историскиот тренд на технолошките промени кои доведуваат до промени на пазарот на трудот и менување на работните места. Апсолутно ја разбирам загриженоста од можноста за губење на работното место како резултат на напредокот во вештачката интелигенција.
Подемот на автоматизацијата и технологиите кои се придвижени со ВИ има потенцијал да автоматизира одредени задачи и тоа секако влијаело на работните места и досега. Да се надеваме дека, доколку некои работни места станат „застарени“, ќе се отворат нови работни места за кои ќе бидат потребни нови вештини и знаења. Од клучно значење е поединците постојано да ги надградуваат своите вештини и знаења за да останат релевантна работна сила, а организациите и владите да инвестираат во програми за обука и усовршување за да им помогнат на работниците да се прилагодат на новиот контекст на пазарот на трудот.
ММ: Во кој правец се движи напредокот на вештачката интелигенција? Од пред извесно време се говори за нејзината надмоќ над природната. Сепак, таа (вештачката интелигеција) е плод на човечката фантазија, имагинација. „Неотуѓивоста“ на умот и разумот е загрозена, во секој поглед?
Н. Г.: Важно е да се напомене дека вештачката интелигенција е производ на човечката имагинација и генијалност, а од нас луѓето ќе зависи како ќе ја регулираме употребата на ВИ и ќе го обезбедиме нејзиното влијание врз вработувањето, внимавајќи на сите етички аспекти од користењето на ВИ врз основа на фер правила и на одговорен начин.
Од клучно значење е да продолжиме критички да го испитуваме развојот на вештачката интелигенција, нејзиното влијание врз општеството и да работиме на решавање на сите потенцијални негативни последици.
На крајот на краиштата, иднината на вештачката интелигенција ќе зависи од тоа како се користи и развива - секогаш кога имаме моќ, мораме да влијаеме, да се грижиме да се усогласи со човечките вредности и да служи за поголемо општо добро, а не единствено како генератор на поголем профит. Ова зависи од нас, луѓето.
Игор Ландсберг
Фотографии: приватна архива на Небојша Гелевски