Злато, скапоцени камења, ѓердани: Спектакуларно откритие на богатството на шпанскиот галеон потонат пред 350 години (ВИДЕО)
Археолозите останаа без зборови по откривањето на непроценливото богатство кое долго беше изгубено под брановите на морето кај Бахамите.
Шпанскиot галеон преполн со богатство, кој потона на брегот на Бахамите во 1656 година, досега беше сон на археолозите ширум светот, но најновата експедиција успеа да пронајде парче од тој непроценлив товар. Амајлиите и ланчињата украсени со скапоцени камења, златни синџири и монети со непроценлива вредност конечно по три и пол века беа извадени од дното на морето.
Галеонот „Nuestra Señora de las Maravillas“ потонал на околу 70 километри од западниот брег на Бахамите, но неговото богатство завршило расфрлано километри далеку од местото каде што морето го проголтало. Организацијата „Ален експлорејшн“, во соработка со бахамски и американски археолози и нуркачи, добила дозвола од владата на Бахамите да го истражи потонатиот брод за научни цели и се што ќе пронајдат ќе биде изложено во новиот музеј на таа островска држава.
Златен филигрански синџир со бројни мотиви е еден од откриените предмети што укажуваат дека товарот бил наменет за исклучително богати аристократи, а најверојатно и за високите класи на благородништвото. Има и ѓердан со златна амајлија со крстот на Свети Јаков што го носат аџиите во Галиција. Откритието е поврзано и со воено-верскиот ред на Свети Јаков, чии членови ги штителе аџиите и учествувале во шпанската поморска трговија. Пронајдено е уште едно слично парче со мотивот на крстот на Свети Јаков, но на голем зелен овален смарагд опкружен со 12 помали квадратни смарагди кои можеби ги симболизираат 12-те апостоли. Исто така, откриени се и големо количество смарагди и аметисти ископани во Колумбија кои обезбедуваат докази за нелегална трговија, бидејќи тие никогаш не биле внесени во манифестот на бродот.
Галијата била на пат од Хавана кон Шпанија и носела богатства од Америка за аристократите. Покрај тоа, таа носела непријавени предмети, како и товар со скапоцености кои биле спасени од друг галеон што потонал крај брегот на Еквадор. На 4 јануари 1656 година, поради навигациска грешка, бродот целосно одлетал во поплитка вода каде што удрил во подводен гребен. Само 45 од 650 луѓе преживеале, а многумина кои завршиле во вода биле изедени од ајкули.
Фото и Видео: Youtube