Знаете ли што е ова? Го има само кај нас...
Охридскиот сунѓер е еден од најинтересните облици на сублиторалната зона, и не само поради тоа што е прастар облик кој потсетува на морски еж без боцки, туку тој целосно се разликува од другите сунѓери во Охридското Езеро кои се исклучиво ограничени на литоралната зона.
Охридскиот сунѓер е со крупни димензии, со пречник во основата од 13 см. Овој сунѓер живее прицврстен на празни черупки на школка или на некое покрупно камче. Самиот топчест облик покаќува дека животното живее под услови на релативно мирна вода, во која брановите и движењата воопшто не се чувствуваат. На слободниот крај на сунѓерот се наоѓа голема вдлабнатина чија внатрешна површина содржи многу отвори што водат до внатрешниот систем од каналчиња и коморчиња, низ кои циркулира водата носејќи со себе хранливи материи. Бојата на сунѓерот е жолтеникаво-белузлава со кадифест изглед на површината.
Охридскиот сунѓер слегува до длабинската зона, до 120 м. Неговата популација е најгуста во черупките на литоралот каде што наоѓа цврста основа на која ларвата може да се прицврсти и понатака да расте и да се развива. Се наоѓале ембриони и ларви од охридскиот сунѓер во текот на цела година, бидејќи не формира гемули, па затоа, забележано било дека тој има ембрионален развој преку целата година.
Охридскиот сунѓер служи како засолниште на амфиподното ракче Gammarus ochridensis кое живее во вдлабнатината нателото на сунѓерот. Исто така, со сунѓерот во иста поблиска заедница живее и друг вид ситно ракче,Ochridacyclops arndti , кое живее во заедница и со други сунѓери што ја населуваат плитката литорална зона.