Зошто ирвасите ја менуваат бојата на очите во зависност од сезоната? Уникатен механизам кој има смисла

фото:unsplash

Астрофизичар и експерт за очи се здружија за да ја решат мистеријата за тоа како и зошто очите на ирвасите во зима стануваат од жолти во сини.

Во летото, tapetum lucidum на ирвасите - слој како огледало на задниот дел од нивното око - изгледа како блескаво злато обраснато со огнен опал. Но, во зима, тој слој се менува и станува боја на најтемното небо испреплетено со поларната светлина. Научниците поминале години проучувајќи зошто и како се случува оваа драматична и мистериозна промена, но излегува дека за тајната е потребен астрофизичар, невронаучник и вреќа полна со очи од ирваси.

„Она што го откривме е навистина одличен биолошки механизам кој е сосема уникатен и бизарен - а исто така има совршена смисла“, вели Глен Џефри, невронаучник од Универзитетскиот колеџ во Лондон и автор на неодамна објавената студија која го објаснува феноменот.

Адаптација кон темнината

Жителите на Тромсо во Норвешка или Уткијагвик на Алјаска не гледаат ни навестување на Сонцето повеќе од 60 дена во текот на зимата, што значи дека сите тие поминуваат 12 до 24 часа во длабока темнина во овој период.

„Дури и во Јукон во текот на зимата имате дневни и ноќни циклуси. Ние го немаме тоа овде“, вели Николас Тајлер, истражувач од Арктичкиот универзитет во Норвешка во Тромсо.

За споредба, самракот во зима е до 100.000 пати послаб од дневната светлина во текот на летото. Што значи дека многу животни мора да живеат и да се справат со овие услови. Еден од механизмите што им помага во оваа борба е токму tapetum lucidum, кој се наоѓа зад мрежницата на окото.

Кога живеете во речиси целосна темнина, секој фотон е важен - понекогаш некои влегуваат во окото, но ги пропуштаат деловите од мрежницата што помагаат да се апсорбира светлината. Тапетумот го спречува тој фотон да избега, што дава нова можност да се апсорбира. Неговата боја варира од жолтеникаво-златна до зеленикава, а тоа е и причината зошто очите на ноќните животни како мачки и ракуни морничаво светат во мракот.

Па, зошто ирвасите тапетум стануваат сини во зима? Одговорот веројатно е поврзан со апсорпцијата на светлината во средина во која доминираат сини и темни бои за време на самракот. За разлика од луѓето, ирвасите добро гледаат во пократкиот опсег на ултравиолетови, за што научниците веруваат дека може да им помогне на два начина.

Прво, затоа што тоа најверојатно ќе им олесни да најдат храна, првенствено лишаи - главниот дел од исхраната на ирвасите во текот на зимата - кои апсорбираат УВ и потемнуваат на белиот снег. Крзното од поларната мечка и волкот исто така апсорбира УВ, па кога ирвасите ќе ги погледнат, тие јасно ги гледаат нивните контури.

Откритие што ги отвора очите

Следното прашање на кое треба да се одговори е потешко - како ирвасите ја менуваат бојата на очите? Тоа е моментот кога во целата приказна се вклучи и астрофизичар. Колегата на Џефри и астрофизичар Фосбери отишол во лабораторија за да ги сецира и изврши експериментите на очите на ирвасите собрани во текот на годините од локалното население на Лапонија.

Првото нешто што забележале е дека тапетумот на ирвасите е направен од мали колагенски влакна кои, кога се потопуваат во течност, формираат мрежи од променливи кристали. Во текот на летото, тие рефлектираат црвеникава светлина, но во текот на зимата, поради проширување на зениците и блокирање на очната течност, овие кристали ја менуваат својата структура и дозволуваат да се рефлектира сината светлина. Кога повторно ќе дојде летото и светлината ги поплави просторите околу ирвасите, нивните зеници се враќаат во нормала заедно со црвеникавата боја на очите.

извор:nationalgeographic