„12“ е неверојатна шлаканица за многу режисери, велат актерите од МНТ во новата сезона на „Еден на Еден“
Дел од врвната екипа на актери собран и за новата претстава на Синиша Евтимов во МНТ ќе ја отворат новата, 16-та по ред, сезона на „Еден на Еден“.
Тони Михајловски, Сашко Коцев, Јордан Симонов и Гораст Цветковски, заедно со режисерот, ќе зборуваат за „12“, претставата во која покрај нив ќе ги гледаме и Никола Ристаноски, Владо Јовановски, Игор Џамбазов, Сенко Велинов, Оливер Митковски, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски и Александар Микиќ.
Оваа претстава е чист пример за тоа што МНТ пропуштал во изминатите 15-20 години и е неверојатна шлаканица за многу режисери, смета Михајловски, кој се согласува со Симонов дека за да се собере ваква екипа беше потребна храброст за да се надминат предрасудите.
Коцев вели дека екипата е темпирана бомба и најточниот кастинг направен за една претстава досега.
Ќе слушаме и за тоа како изгледаат пробите, дружбите пред и после нив, партитурата која ја создаваат, како и за многу останати теми кои опуштено може да се зборуваат само во „Еден на Еден“.