2.500 000 денари од државата за Струмичкиот карневал: Американски телевизии нè споредуваа со Рио
Пред неколку години американската телевизија Ен-Би-Си, својата репортажа за карневалската сезона ја наслови „Започнаа шареноликите прослави од Бразил до Македонија“. Емисијата започна со карневалот од Рио, а заврши со струмичкиот карневал, вели Цицимов
Александар Цицимов, претседател на ОО на Струмичкиот карневал открива колку маски ќе продефилираат на годинашното издание, колку пари одвои државата за оваа манифестација, од кои држави очекуваат најмногу гости.
* Струмичкиот карневал годинава одбележува јубилеј 30 години организирана форма на оваа манифестација, што може да се очекува?
Збогатени карневалски денови со ретроспективна изложба од изминатите 30 години, одбележување на јубилејот под мотото 30 години Звезда под небото, со доделување признанија и презентација на Монографијата Струмичко чудо како и јубилеен концерт под маски и збогатена традиционална програма во сите сегменти .
* Колку е значајна оваа манифестација за Струмица и струмичани?
Тоа е вековна традиција која прерасна во бренд на градот со кој сите се гордеат. Струмичкиот карневал допринесе за Струмица да се чуе на сите континенти пред се преку извештаите на познатите светски агенции. Пред неколку години американската Ен-Би-Си телевизија својата репортажа за карневалската сезона ја наслови „Започнаа шареноликите прослави од Бразил до Македонија“. Репортажата започна со карневалот од Рио а заврши со струмичкиот карневал. Минатата година имав едночасовно интервју на австралиското радио а пред две години медиумите на Аруба беа преполни со репоражи за настапот на групата од Аруба на Струмичкиот карневал. Исто така и преку учеството на карневалски групи од странство и учество на струмичките групи ширум Европа. Еве во моментот кога го водиме овој разговор по две карневалски групи од Струмица патуваат на карневалте во Котбус – Германија, Ријека – Хрватска и Птуј и Шоштањ во Словенија.
* Колку маски има пријавени за учество годинава?
49 од кои само една поединечна од Италија, 4 мали групи од Струмица и 44 групни маски од кои најголемите бројат над 100 учесника во групата.
* Низ годините наназад имало пријавени и учесници од странство, од каде има пријавено оваа година?
Секоја година Струмица угостува околу 600 учесници во карневалската поворка од страство, колку што дозволуваат сместувачките капацитети. Оваа година имаме 19 групи од странство и тоа од Грција, Бугарија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Италија, Германија.
* Што е планирано во организацијата за овогодинешниот карневал?
Карневалот се одржува во рамките на традицијата со следната програма: во среда 26.02, официјално започнуваат карневалските денови во Градот под Царевите кули со свечено отварање на карневалските денови со симболично предавање на клучот од градот на карневалистите од страна на Градоначалинкот. Наредниот ден, во четврток основното музичко училиште „Боро Џони“ ќе се претстави пред публиката со Концерт под маски. Во петок јубилејно ќе се изберат принцот и принцезата на карневалот, а во сабота е главната карневалска вечер, односно Интернационалната карневалска поворка. Во недела радоста е најголема за најмалите, тогаш ќе се оддржи Детскиот карневал, а во понеделник ќе се објават резултатите за најуспешните маски. Во вторник, 03.03 ќе се доделат наградите на добитниците, а на последниот ден од карневалската програма ќе се одбележи традиционалниот Тримерски ручек, истиот ден ќе му се врати и клучот на Градоначалникот од карневалистите.
* Кои јавни личности ги очекувате како гости?
Очекуваме повеќе министри, градоначалници, членови на дипломатскиот кор, представници на спонзорите.
* Министерството за култура дали го поддржа Струмичкиот карневал годинава, со колку парични средства?
Да, со милион и сто илјади денари.
* Колку општина Струмица одвои од буџетот за Струмичкиот карневал?
Два ипол милиони денари.
* Колку народ очекувате да го посети Карневалот?
Тоа пред се зависи од временските услови и колку времето ќе биде убаво, очекуваме посета од околу 30 000 посетители.
* Низ годините, дали често се случува макси да се дуплираат, односно две различни групи да се претстават со исти маски?
Многу ретко. Струмичкиот карневал е еден од ретките каде критериумите за учество се многу строги во поглед на оригиналноста на маската така да групите многу внимаваат на идејата и својата идеја ја кријат до последен момент. Дури и ако се случи да разработат иста тема тоа се прави во сопствен стил кој целосно се разликува од другиот.
* Колкав е наградниот фонд годинава за добитниците?
Околу 600 000 денари.
* Можете ли да издвоите маска која ви е особено драга, за којашто никогаш нема да престане да се зборува?
Ако еднаш дојдете на струмичкиот карневал ќе ви стане јасно дека не е можно да одвоите една маска. Останувате запрепастени од имагинацијата и начинот на изработка на маските така да е апсолутно невозможно да ги одделите една од друга за најдобри. Имајќи во предвид дека го водам овој карневал 30 години на кој продефилирале над 2000 маски секогаш различни, навистина не е фер да се определите за некоја.
* По прогласувањето на победниците, има ли незадоволни учесници, има ли кавги за наградите?
Како и на секој награден натпревар каде нема мерливи параметри туку се одлучува по убедување, а каде квалитетот е толку воедначен се случува да има незадоволни. Се трудиме таквите ситуации да бидат што поретки.
* Како претседател на ОО на Струмичкио карневал, кој е ваш омилен дел од Карневалот?
Кога ќе се појават масовните групи со околу 100 члена во маската и ќе го исполнат плоштадот со позитивна енергија.
Н. Миланова
Фото архива на Струмичкиот карневал