44 ракописи во трка за наградата „Пегаз“ за 2021 година

Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, годинава по третпат го организираат конкурсот за наградата „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината. Конкурсот беше отворен на 28 април и траеше до 31 мај. И оваа, како и претходните две години, одѕивот беше голем, па така, годинава, во конкуренција за наградата ќе бидат 44 ракописи.

Во периодот што следува, пристигнатите ракописи ќе ги оценува тричлена жири-комисија, во состав: д-р Владимир Мартиновски, универзитетски професор на катедрата по општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје, Фросина Пармаковска, писателка и добитничка на наградата „Роман на годината“ за 2017 година, и Бисера Бендевска, уредничка во издавачката куќа „Арс Ламина“.

– Наградата „Пегаз“ има цел да открива нови и квалитетни писатели кои би поставиле критериум за книжевните вредности што треба да бидат показател за напредокот на македонската книжевност и култура. И оваа година имавме добар одѕив, дури и во периодот на пандемија, што ни покажува дека на нашата книжевна сцена има голем творечки потенцијал и дека „Пегаз“ постепено и амбициозно го гради својот имиџ на важен учесник во унапредување на романсиерската продукција од домашни автори – изјави Бранка Бугариска, директор на издаваштво во „Арс Ламина“.
 
Наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман е своевидно продолжение на веќе етаблираната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“.
 
– Наградата „Пегаз“ не само што го зацврсти своето место на македонската книжевна сцена туку во ова свое релативно кусо опстојување сосема ги оправда целите заради кои беше воспоставена. Имено, од досегашното искуство можеме да заклучиме неколку работи. Првенствено дека македонската романсиерска продукција е во постојан подем, но и дека голем број квалитетни ракописи од најразлични причини не можат да го пронајдат својот пат до читателите. Во таа смисла, наградата „Пегаз“ игра значајна улога во промовирањето на македонската романсиерска продукција, стимулацијата на авторскиот труд, но пред сѐ во понудата на квалитетни дела до читачката публика. Се надеваме дека квалитетот на пристигнатите ракописи и годинава ќе ги достигне високите критериуми што оваа награда ги промовираше досега – вели авторот и новинар Ѕвездан Георгиевски од Фондацијата „Славко Јаневски“.
 
Наградата „Пегаз“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. Добитникот на наградата ќе биде соопштен најдоцна до 29 октомври 2021 година. Доколку и некој друг од ракописите биде оценет позитивно, издавачот „Арс Ламина“ може да понуди објавување и на второ- и трето-рангираните романи.

На минатогодишното издание на „Пегаз“ пристигна 61 ракопис. Беа избрани два победнички романа, „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески, кои беа објавени во посебна едиција, а во подготовка се уште неколку романи што од жирито добија позитивна оценка и препорака за објавување.


ПР објава