Ако гробот на Св. Кирил е во Рим, тогаш каде е гробот на неговиот брат Св. Методиј? Мистерија или мистификација?

Гробот на Св. Кирил се наоѓа во црквата Св.Клементе во Рим и секоја година македонска делегација положува свежо цвеќе 

Сесловенските просветители, „Светите Кирил и Методиј, денес во современиот свет се единствените личности кои можат да се дефинираат како мост меѓу вечниот ривалитет на Источна и Западна Европа. Ако, нивната просветителско-христијанска мисија беше столбот на едниот крај од Европа, одлуката на Папата Иван Павле II да ги прогласи за Созаштитници на Европа е столбот од тој мост на другиот крај на Европа.

Сепак, секоја година на 24 мај кога се слави нивното дело, почитта се уште не е подеднакво распределена. Иако придонесот за словенската култура е заеднички, на двајцата браќа, сепак целата приказна за нивниот живот и мисија како да останува празна или, пак, како што научниците велат, незавршена, поради мистерија за местото каде што се наоѓа гробот на постариот брат Методиј.

Денешната археологија и историја се уште не може прецизно и едногласно да одговори каде е местото каде што е погребан свети Методиј. Неговите мошти се уште се мистерија, но дали се и предизвик за археологијата и за историчарите?

Постојат неколку хипотези каде се наоѓа гробот на свети Методиј, а најпозната е онаа на чешките археолози и историчари, кои тврдат дека го откриле местото на гробот, но сепак за официјалната историја тоа не е доволно за официјализирање на тоа тврдење. Според чешките археолози Методиј бил погребан во поранешна Моравија, во црквата со бројот 12, во местото Микулчице, денешен Велиград, каде што бил престолот на владетелот Ростислав.

Македонските историчари и археолози речиси и да не се занимаваат со откривањето на гробот на свети Методиј. Слушнале за претпоставките за можните места каде е закопан просветителот, но не можат со историски факти да го потврдат тоа. Според некои од нив на историјата и на археологијата и потребна мистификацијата за големите личности, иако можеби историјата и ги знае гробните места на големите историски личности.

-Историските податоци со кои ние располагаме не се доволно прецизни за да можеме да направиме документаристичка слика. Затоа на литературата и на историјата им се неопходни мистификации, особено кога се работи за вакви бардови. Без таа мистификација се урива една голема аура што ја имаат овие двајца светци и просветители, велат некои историчари, потсетувајќи дека ако таа приказна се заврши повеќе нема да има предизвик за истражување.

Повеќе на

Религија.мк