Ако сакаме сирење и кашкавал на трпезите ќе мора да платиме поскапо

Поради намаленото производство на млеко во државата, скапите енергенси, но и поскапата работна рака, и натаму ќе растат цените на млечните производи.

За да имаме сирење и кашкавал на трпезите ќе мора да одвојуваме повеќе пари. Најавено е поскапување на млечните производи до 20 отсто до крајот на оваа година. Од млекарниците во земјава велат дека повеќе фактори водат кон поскапување на нивните производи, и состојбата сега е сменета за разлика од пред неколку месеци.

„Количини на млеко има сè помалку, енергенсите поскапуваат, суровините исто, и за работната рака има повеќе трошоци. Сè помалку има квалификувани работници, и тие достигнуваат 70 отсто од европските плати, а во однос на неквалификуваните работници, и нив ги нема“, велат од Млекара АД Тетово.

Од друга млекарница во Западна Македонија објаснуваат дека цените на сировото млеко, амбалажата, пакувањето, струјата, цените на горивата предизвикуваат линеарно поскапување. Велат дека најголемо поскапување има на биеното сирење и кашкавалот, затоа што за производство на еден килограм од наведените производи се потребни 11 килограми млеко. За работната сила, објаснуваат дека за плата под 400 евра тешко се наоѓа работник. Велат дека квалитетниот производ во вакви околности мора да чини поскапо. Повеќе на Фактор.мк


Фото: unsplash