АКО САКАТЕ ДА БЕРЕТЕ ГРОЗЈЕ ВО ТИКВЕШИЈАТА: Ова се условите и висината на дневниците

Во Кавадарци, Неготино, Росоман, сопствениците на лозја бараат берачи на грозје, а условите и висината на дневницата е различна. Некаде плаќаат фиксна сума, некаде плаќаат според тоа колку гајби со грозје ќе набере работникот. Дел од газдите на лозјата нудат и оброк и превоз за работниците. Но, останува старата мака. Работници нема, а најтешко се наоѓаат искусни луѓе за работа.
„Кај мене работат на гајба и земаат по 2.000 до 2.300 денари дневно. Работиме до 13 часот. Еден човек дневно собира по 30 до 40 гајби, ако се работи за покрупно грозје. Имаат и еден оброк дневно. Имам берачи од Радовиш и од Штип. Ги носам во Кавадарци да берат грозје. Од цела Македонија доаѓаат берачи, од Скопје, Струмица, Велес, Прилеп. Ако сме само ние кавадарчани и неготинци, ако не носиме луѓе од страна ќе нема кој да го собере грозјето. Овие берачи се искусни. Има и млади и повозрасни луѓе. Оваа година е најтешко за наоѓање на аргати. Грозјето има добар род, подобра година е оваа, за разлика од лани“, вели Рајко Марков од Кавадарци.
Заедничко за повеќето сопственици на лозја е тоа што ќе мораат да се задоволат со помал број на берачи од потребното. Ова им ги поматува плановите брзо да ја завршат бербата.
„Нема доволно берачи. Имам резервирано осум луѓе од Велес. Имаше порано берачи од Кочани ама сега ги нема. Многу е лошо. За 6 часа работа плаќаме 1.500 денари дневница. Нема оброци обезбедено, но патот им го плаќаме ако доаѓаат од друг град. Цела недела барам работници, во петок ќе почнам да берам грозје и нема доволно луѓе. Реално ми требаат 10 работници, за 3 хектари површина и за една недела ќе биде готово. Нема понуда на пазарот. Има голема разлика од неискусен до искусен берач. Тие што работеле се побрзи, работат квалитетно, внимаваат да не се рони грозјето. Имаше искусни берачи до пред 2-3 години, од постарите, но сега меѓу младите скоро и да нема такви. Иста е ситуацијата кај сите што поседуваат лозја. Ако некој понуди поголема дневница, може да ги земе работниците, оти секој ќе појде таму каде има повеќе пари. Лани со 5 луѓе беревме грозје, но ни требаше повеќе време, се пролонгира работата“, вели сопственик на лозје во Росоман.
Сопствениците на лозја објаснуваат дека често се случува работниците да ги уценуваат за повисока дневница, затоа што берачи нема доволно.
„За сабота ми требаат, а нема берачи. Дневницата е 1.500 до 1.700 денари за 6 часа работа, до 11 часот работиме во лозјата“, вели кавадарчанец.
Сличен проблем имаат и Хрватите. Тие нудат дневница од 50 евра за берачите на грозје. Некаде исплаќаат и бруто плата од 970 евра месечно (минимална плата), други пак плаќаат по час. Во источна Хрватска, берачите се претежно постари лица, пензионери и невработени.
Инаку, според податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) во 2024 година во однос на 2023 година, лозјата во Македонија се намалени за 1.7 отсто.
Сања Атанасовска
foto freepik.com/jcomp
Извор: ФАКТОР