Ако сакате да се иселите во странство, еве совети како да ја планирате кариерата

Многу млади луѓе во земјава сакаат да се иселат во странство, а тоа подразбира дека психички, но и со знаења и вештини треба да се подготват за тој предизвик. Кариерата треба да се планира и да имаат точна претстава каде и што би сакале да работат. Постојат совети кои би помогнале на секој поединец полесно да се снајде на пазарот на трудот во новата средина. Секој треба да се преиспита себеси до кој степен го познава јазикот, дали неговата професија е дефицирана и дали има потреба од совладување нови вештини.

„Сведоци сме дека голем број млади луѓе размислуваат за работа и живот надвор од земјата. Кариерата е интегрален дел од животот, таа е начин на самоактуализација и треба внимателно да се планира, без разлика дали младите ќе останат овде или ќе заминат. Ова подразбира да знаат што сакаат да работат, да изградат јасна визија за себе и да развиваат знаења и вештини кои ќе им овозможат да бидат успешни, а зошто да не и најдобри, во избраната област. Сѐ зависи од нивните интереси, таленти и цели. Сепак, постојат универзални насоки, кои се еднакво важни како и техничките знаења и вештини: подготвеност за постојано учење и адаптација на брзите промени; дигитална писменост, особено во време кога вештачката интелигенција е дел од секојдневието; познавање на јазикот на земјата во која планираат да живеат и работат; развиени комуникациски и социјални вештини, како тимска работа, решавање проблеми и емоционална интелигенција“, објаснува Славица Тасева, Сертифициран GCDF кариерен советник.

Таа вели дека светот на работата се менува со голема брзина. Некои професии исчезнуваат, но секојдневно се отвораат нови можности. Сепак, при изборот не треба да се тргнува само од прашањето „каде полесно ќе најдам работа“, туку од личните интереси, желби и таленти.

„Ако се избере професија само од практични причини, постои ризик од незадоволство и демотивација. Во глобални рамки, најбарани се здравствени работници, ИТ и инженерски професии, занаетчии со квалитетни вештини, како и стручњаци во образованието и негата и грижата за луѓето“, рече Тасева.

Оние кои планираат да се преселат во друга држава, треба да го истражат тамошниот пазар на труд.

Апсолутно, тоа е еден од клучните чекори. Прво е важно младите да си дефинираат „Што сакам да работам и во што сакам да се развивам?“. Потоа следува детално истражување за тоа каде постојат можности за таков профил и себереализација. Секоја држава има свои специфики во однос на законите за вработување и условите за работа. Освен тоа, треба да се земат предвид и елементите кои се однесуваат на квалитетот на животот , од здравство и образование, до културни и социјални аспекти. Да го илустрирам ова со пример: кога одиме на одмор, прво размислуваме каков одмор сакаме, па потоа го избираме местото и ја правиме организацијата. Истото важи и за кариерата и преселбата. Адаптацијата во нова средина е процес што бара време, трпеливост и отвореност. Најважно е младите да ја гледаат како патување кое се гради чекор по чекор, а не како предизвик што се решава преку ноќ. За полесна интеграција, неопходно е да ги следат трендовите во сопствената професија и постојано да инвестираат во нови знаења и вештини. Подеднакво значајно е да градат мрежа на контакти, и на локално и на меѓународно ниво, бидејќи токму тие контакти често отвораат врати кон нови можности. Отвореноста кон културните разлики и подготвеноста да се прифати поинаков начин на работа и живеење се клучни за успешно вклопување. На крајот, трпеливоста и истрајноста се најдобрите сојузници, бидејќи секој мал чекор во адаптацијата води кон поголема сигурност и стабилност“, изјави Тасева.

Олеснителна околност за оние кои сакаат да се иселат е ако имаат некој близок кој ќе им објасни како тој се вработил и се адаптирал во новата средина. Добро е младите да побараат совет и мислење од некој кој веќе го поминал тој пат.

„Да, и тоа е задолжителен чекор. Најдобро е да се разговара со луѓе кои веќе работат и живеат во земјата каде што планираат да заминат, особено ако тие имаат слична професија. Секогаш е корисно да се добијат повеќе перспективи, бидејќи така се создава појасна и пореална слика за можностите и предизвиците. Планирањето на кариерата е како да градиш мост. Прво треба цврсто да ги поставиш темелите во себе, а потоа чекор по чекор да го продолжуваш преминот кон иднината, без разлика дали мостот води дома, во својата или кон друга земја“, додава Тасева.

Последниве години читаме за истражувања направени во Македонија кои укажуваат дека над 50 отсто, две третини, а според некои анализи дури 90 отсто од младите сакаат да се иселат. Најчеста дестинација каде младите се иселуваат е Германија, што доведе до тоа и интересот за изучување на германскиот јазик да се зголеми.

Сања Атанасовска

foto freepik.com