Албански лидер на границата со Југославија градел подземен град: Архитектот не смеел ни збор да каже на семејството

Речиси две децении, албанскиот архитект Фети Џичи работел на проектот во таква тајност што морал да ги заклучи плановите во сеф кога ќе си одел дома од работа. Не смеел да зборува за својата работа ниту со семејството.

Џичи беше главен архитект и планер на градот Кукеш во северна Албанија во времето кога земјата беше под комунистичкиот режим на диктаторот Енвер Хоџа.

Во екот на Студената војна, параноичниот лидер се плашеше од напад или инвазија на Албанија, поради што нареди изградба на стотици илјади бетонски бункери.

Меѓутоа, во Кукеш, недалеку од тогашната граница со Југославија, Хоџа отишол чекор понатаму. Во раните 1970-ти, тој му наредил на Џичи да изгради подземна реплика на целиот град.

Прво, беше планирано да се изградат серија бункери и атомски засолништа, што беше направено во 70-тите години.

Потоа, во 1980-тите, по наредба на Хоџа и неговите воени команданти, во Ѓица беа додадени повеќе тунели и соби, вклучувајќи простории за печатница, болница и пекара.

Понатаму, воведена е струја и водоводна мрежа, а во одредени простории е утврдено воено команден центар, полициска станица и судница.

Идејата била дека 10.000 луѓе можат да живеат во подземна населба до шест месеци.

„Се разбира, во време на војна, населбата можеше да се води со намален капацитет, но идејата беше да се повтори целиот град под земја“, изјави Џичи (72) за „Гардијан“.

Во раните 1970-ти, комунистичките власти го поплавија целиот Кукеш со вештачко езеро при изградбата на хидроцентрала.

Градските планери мораа да дизајнираат целосно нов град покрај него и да го преселат целото население. Џичи помагал во дизајнирањето на вториот Кукеш над земја кога му пришле шефовите на војската и тајната полиција.

„Бидејќи добро ја завршив работата, ми ги доверија плановите и за подземниот град“, рекол тој.

Сепак, тој морал да крие сè од пријателите и семејството.

„Тоа не беше култура каде што луѓето ќе прашаат што правиш“, рече тој.

Неговата сопруга знаела дека тој работи на некаков подземен проект, но никогаш не побарала детали.

„Таа знаеше дека е подобро да не поставува прашања“, вели Џичи.

Поради тајност, тој имал тим од само 30 работници и сите биле детално прегледани и проверени.

„Колку помалку луѓето знаат, толку подобро“, рече тој и објасни дека тимот бил поделен во парови, а тие парови работеле одделно на различни делови, не знаејќи дека тоа е огромна меѓусебно поврзана мрежа од тунели и простории.

Во текот на 1980-тите, владата редовно спроведуваше вежби во кои, по звукот на сирената, целото население ќе се спушти под земја во рок од седум минути, преку 30 влезови во мрежата. Но, им било забрането да се движат под земја и не знаеле дека се е поврзано со тунели долги километри.

Кога во 1989 година беше завршена изградбата и беа воведени струја и вода, собите допрва требаше да се наместат, но тоа не се случи, бидејќи режимот падна.