„Алкалоид“ со 210 нови вработувања, со инвестиции во износ од над 1,5 милијарди денари и со раст на консолидираните продажби од 9% за јануари-декември 2020

Приходи од продажби

Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари-декември 2020 година, продажбите достигнуваат 9.188.259.186 денари, што е за 9% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 12.132.328.349 денари, што е за 9% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Продажби според региони

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 9%. Вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен исто така за 9%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 20%, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 10%, а на другите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Чешка, раст од 44%, Албанија бележи раст од 42%, Грузија раст од 31%, Унгарија раст од 29%, Ерменија раст од 20%, Бугарија раст од 18%, Романија раст од 15%, Србија раст од 14%, Словенија раст од 12%, Русија раст од 10% итн. Во 2020 година реализирани се првите продажби на сегментот Фармација во Канада во вредност од 30,4 милиони денари..

Продажби според групи производи

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 87%. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со удел од 22%, антибиотиците со 16%, кардиолошките препарати со 14%, невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 13% во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 2%, козметиката со 8%, а билкарството учествува со 3%.

Резултати од работењето

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 1.959.849.982 денари, бележи зголемување од околу 10%, додека единечната нето-добивка изнесува 1.142.650.910 денари и е зголемена за 13%.

Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 2.077.934.491 денари и бележи раст од 12%, додека консолидираната нето-добивка во износ од 1.167.484.742 денари е зголемена за 15%.

Инвестиции

Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-декември 2020 година, изнесуваат 1.571.226.812 денари, што е за 44% повеќе во однос на истиот период од 2019 година.

Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното.

Вработени

Во периодот јануари-декември 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 210 нови вработувања во Р.С.Македонија. На крајот на декември 2020 година во „Алкалоид“ во земјата работат 1.832 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 560 вработени или вкупно 2.392 вработени во групацијата.

Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2020 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.

Во декември 2020 Управниот одбор по повод новогодишните и божиќни празници, а имајќи ги предвид отежнатите услови за работење на сите вработени за време на справување со Ковид пандемијата во 2020 година и во знак на благодарност, одобри исплата на новогодишен надоместок во нето износ од 25.000 денари.

Податоци за акциите

Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-декември 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.499,00 денари или просечно 12.174,86 денари за една акција, што претставува раст од 28% во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 31.12.2020 изнесуваше 18.9 милијарди денари.

Бизнис-план за 2021 година

Бизнис-планот за 2021 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, на Седницата одржана на 29.12.2020 година, предвидува инвестирање на околу 12% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на 2020 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2020 година.

Бизнис-планот за 2021 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2021 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат од прикажаните во Бизнис-планот.

Очекувања за претстојниот период

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на COVID 19. Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во втората половина од годината дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност.