Антонио Велковски: Готвачот „Ајде да јадеме“ изобилува со вкусни и здрави посни оброци за секој ден

Со дегустација на вкусни и здрави рецепти, во присуство на многубројни гости, вчеравечер (13 март), во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ беше промовиран посниот готвач „Ајде да јадеме“ од нутриционистот Антонио Велковски. Книгата, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ја претстави промоторката Ана Шутиноска.
- Готвачот е наменет за секој што сака да се испроба да пости, а се плаши дека ќе биде гладен или дека исхраната ќе му биде здодевна – тоа е првичната намена. Главните пости, божикните и велигденските, се доста долги, а некои луѓе цела година постат по неколку дена во неделата и немаат инспирација за оброци. Сепак, рецептите лесно можат да се преобразат во комбинации со месо, јајце или по некој млечен производ, така што може да им послужат на сите што сакаат во својата исхрана да воведат малку повеќе зеленчук, овошје, јатки, семки, а не знаат како тоа да го направат освен во форма на салата. Од овие причини, готвачот може да се користи преку цела година затоа што изобилува со рецепти за секоја сезона – рече тој.
Велковски изјави дека идејата да подготви посен готвач се родила пред повеќе од една година.
- Неколку години го градам профилот „Ајде да јадеме“ на социјалните медиуми и редовно објавувам идеи за рецепти. Во еден момент, кога изградив многубројна заедница, јас и мојата сопруга (со која заеднички сме вклучени во сите мои проекти) решивме да составиме нешто што на публиката што ме следи ќе ѝ биде од корист. Направивме дигитална збирка рецепти. Интересот беше навистина голем, а добивме и безброј прашања кога ќе издадеме вакво нешто во печатена варијанта за полесна употреба. Од тој момент бевме решени да составиме печатен посен готвач и таа замисла ни се оствари откако издавачката куќа „Арс Ламина“ ни излезе во пресрет – изјави тој.
Кога почнал да ја развива идејата за готвачот, сфатил дека на нашиот пазар недостига готвач исклучиво со посна храна.
- Со оглед на тоа што јас добро бев упатен во комбинациите со посна, односно растителна храна, знаевме дека веќе имаме избор на голем број испробани рецепти што ќе им помогнат на сите оние што постат, за исхраната за време на пости да не им се сведе на јадење ѓеврек, варен компир и чорба од бел грав. Потрагата по рецепти ми разбуди носталгија, посебно кога одново ги открив рецептите што некогаш со голема љубов сум ги готвел, а кои со текот на времето сум заборавил и дека постојат. Собрав над 200 рецепти, од кои во готвачот се најдоа најприфатливите за нашиот народ - рече тој.
- Професор никогаш не станав, па љубопитноста ја канализирав во друг правец. Со оглед на тоа што долги години се интересирав за исхраната, сакав да почнам попрофесионално да се занимавам, па така се запишав на нов факултет, на отсекот за Нутриционизам на Технолошко-техничкиот факултет во Велес. Иако имав речиси 40 години и немав никакво предзнаење за хемија, анатомија, физиологија, успеав да ги изучам предвидените предмети, на крајот и да магистрирам и од 2020 година да почнам да работам како нутриционист.
Книгата е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР објава