Авион на Ер Србија евакуираше граѓани на Македонија, Црна Гора и Албанија од Израел (ВИДЕО)
Авионот на „Ер Србија“ денеска ги превезе државјаните на Северна Македонија, Црна Гора, Албанија и Србија од Израел во Скопје и Белград и на тој начин им помогна да се вратат дома од завојуваната земја.
На видео снимка се гледа дека авионот бил полн, а Душан Вујовиќ, конзул на српската амбасада во Израел, им посакал на сите патници да се видат во „подобри услови“.
- Драги пријатели, еве го качивме последниот патник. Ви посакувам се најдобро, убав пат. Ве поздравувам пред амбасадите на Србија, Северна Македонија, деловниот конзулат на Црна Гора и Амбасадата на Албанија од моите драги колеги кои сето ова го организираа на терен. Прво летаме за Скопје, па за Белград, чувајте се и се надевам дека ќе се видиме во подобри времиња. Се најдобро уште еднаш – рече Вујовиќ, на што патниците одговорија со извици „Да живее Србија“.
Инаку, Владата на Северна Македонија вчера соопшти дека ќе ги сноси сите трошоци за летот.
– Во услови на целосно откажани летови и блокиран авиопревоз со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет беше надминат со соработка со „Ер Србија“ за превоз на граѓаните кои побараа помош – се наведува вчера во официјалното соопштение на Владата на Северна Македонија.