Бислимска Клисура кај Куманово: Проколнатите пештери за кои велат дека кријат многу големо богатство
Во свероисточниот плански регион во непосредна близина на Градот Куманово, на само 5 километри се наоѓа едно од најубавите природни убавини на Балканот – Прекрасната Бислимска клисура. Место со големи потенцијали, место скоро и непознато за пошироката јавност, досега посетувано од мал број на авантуристи. Природата и мистериозните пештери, уникатниот биодиверзитет со вегетациски карактеристики и голем број на атрактивности како ендемските видови во Бислимската Клисура, претставуваат мистична материја, не само за научниците, едукативните работници, авантуристите на екстремни спортови.
Бислимска Клисура е мала клисура на реката Пчиња, а долга е само 7 км. Во народот овој простор се нарекува едноставно „Бислим“ и веднаш асоцира на каменлив и мистериозен простор каде ретко кој поминува. Според сознанијата, името најверојатно потекнува од средновековното село кое се простирало во средишниот дел од клисурата, а кое се раселило кон крајот на 16-ти или 17-ти век, т.е. за време на турското владеење.
Има стрмни страни, на одредени места речиси вертикални, така што на некои места наликува на кањон. Во клисурата се наоѓаат десетина пештери и пропасти, долги до 90 м. Најдолга пештера е Студен Пештер (90 м), а најдлабока пропаст е Маркова Куќа, длабока околу 40 м. Со својот пештерски накит, најинтересна е Лишков Пештер, во јужниот дел на клисурата (2 км спротиводно од с. Пчиња). Покрај пештерите и пропастите, овде релјефот е многу интересен, со бројни шкрапи, вртачи, суводолици, раседи и сл. Во Бислимска клисура има разновиден растителен и животински свет (лилјаци, соколи, орли, влекачи — особено поскоци и др.).
Во средишниот дел на клисурата и во пештерите има остатоци од антички градби, веројатно од римскиот период. По сите свои карактеристики, Бислимската Клисура заслужува да биде заштитено подрачје, особено имајќи предвид дека е се наоѓа мошне близу до градот Куманово.