Богатите живеат девет години подолго од сиромашните
Една 10- годишна студија спроведена во Велика Британија и Америка, во која се испитува влијанието на социјалните и економските фактори врз животот на луѓето, покажа дека богатите луѓе живеат без поголеми здравствени проблеми дури девет години подолго од оние кои се посиромашни.
Во текот на истражувањето во кое учествувале 10.754 Британци постари од 50 години и 14.803 Американци од иста возраст, се анализирале податоци кои бараат фактори кои можат да предвидат колку долго луѓето можат да живеат пред да почне да ги мачи болката во однос на возраста, како што е неможноста за станување од кревет или подготвување храна за себе и во колкава мерка играат социо-економските фактори, пренесува Гардијан.
Најголемиот социоекономски фактор во предвидување на појавата на овие проблеми е богатството, откриле истражувачите. На 50 години, најбогатите анкетирани лица можат да очекуваат уште 31 „здрава година“, додека најсиромашните можат да очекуваат уште 22 или 23 години „добро здравје“.
Повеќето истражувања досега се фокусираа главно на животниот век, но не и на квалитетот.
„Со мерење на животниот век, можеме да го процениме бројот на години што некој ќе ги помине во добра здравствена состојба или без инвалидитет“, рече авторот на студијата Паола Заниното, професор по епидемиологија и здравствена заштита на Универзитетскиот колеџ во Лондон.
Студијата, на пример, покажа дека ризикот од предвремена смрт двојно се зголемува во посиромашните делови на Велика Британија во споредба со побогатите делови.
Во однос на долговечноста, истражувањето за 2016 година откри дека мажите кои се наоѓаат меѓу најбогатите во САД по финансиски критериуми може да очекуваат да достигнат 87,3 години, скоро 15 години подолго од оние што припаѓаат во процентот од најсиромашните.
За жените, сепак, јазот е 10 години. Жените од најбогатите групи во САД и Англија живееле дополнителни 33 „здрави“ години, во споредба со 24 години од најсиромашните групи во Англија и САД.
Што се однесува до Велика Британија, според истражувањето за 2018 година, сиромашните луѓе умираат околу десет години порано од побогатите.
Најновото истражување покажа дека не постојат значителни разлики помеѓу САД и Велика Британија во однос на клучните наоди за истражување. Нееднаквостите во животниот век постојат и во двете држави и се слични по големина.
Податоците од Канцеларијата за национална статистика на Велика Британија откриле дека децата родени денес веројатно ќе поминат повеќе во лошо здравје отколку нивните баби и дедовци.
Светската здравствена организација тврди дека глобалниот животен век е 72 години за оние родени во 2016 година. Просекот е зголемен за 5,5 години помеѓу 2000 и 2016 година, што е најбрз раст од 1960-тите години, според СТО.