Да, сам си се отрув: Навални по наводната прозивка од Путин

Како што пишува московскиот магазин „The Moscow times“,  кој се повикува на пишувањето на францускиот дневен весник „Le Monde“, Рускиот претседател Владимир Путин за време на телефонски разговор наводно му рекол на францускиот колега Емануел Макрон дека Навални можеби самиот се отрул.

Наводно, разговорот меѓу Путин и Макрон се случил на 14 септември, а Путин, како што се наведува го опишал Навални и како противник кој досега повеќе пати ги лажирал своите болести.

На ова тврдење реагирал и Навални, кој преку Твитер се обрати кон францускиот весник: „Да, мојот план беше бавно да подготвам новичок во кујната, да го пијам полека во авионот, да умрам и да завршам во мртовечница во Омск, каде причина за мојата смрт ќе биде „живееше доволно““.

„Но, Путин ме надигра“, напиша Навални и на крајот додаде: „На крајот, поминав 18 дена во кома, како идиот, а не го добив тоа што го сакав“.

Навални денеска излезе од болницата во Германија, каде беше префрлен во состојба на кома, од сибирската општа болница Омск, во која беше донесен откако му се слоши во авионот за време на летот.