Дали знаете какви круни има Архиепископот Стефан: Тие се национално богатство

Круната на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан или митра како што се нарекува оригинално е единствената во земјава која е вистинска, скоро рамна на онаа на монарсите. Често и епсикопите носат митри. Нашиот архиепископ ја носи во одредени моменти, на литургии и верски празници. Многу е скапоцена, најверојатно изработена од монахињите од манастирот „Рајчица“. Секој детаљ од митрата си означува нешто одредено. Од страните стојат четирите евангелисти: Матеј, Јован, Лука и Марко. Тие се стандарден дел на секоја митра. Горе на врвот е крстот, а на челото има византиски двоглав орел, кој ја симболизира црковната и световната власт под една круна, зашто во тоа време државата била така организирана: патријархот и царот заеднички ја воделе државата. Така тој византиски симбол е пренесен на сите православни земји. Има и еден венец со дванаесет ушиња.

Боите си имаат исто така свое значење. Обично на празник на маченик  носи црвена, на Св. Богородица сина, зелената е боја на Светиот дух, па се носи за Духовден… Самата митра, пак, има облик на црква, па кога самиот епископ ја носи, тој ја изразува својата улога како заштитник на единствената православна вистина предадена во догмите. Везена е со срма и со златни жици, украсена со циркони, со кристали или со бисери.