Дубаи ја добива најголемата вештачка крајбрежна шума во светот: Ова мора да го видите
Амбициозниот проект на Дубаи „Мангрови“ (зимзелени широколисни шуми што растат во приливната зона на морските брегови и речните устија, на места заштитени од бранова енергија од корални гребени или острови) има за цел да засади 100 милиони дрвја што ќе трансформираат 72 километри крајбрежје и ќе го надоместат CO2 што го испуштаат 260.000 автомобили секоја година...
Дубаи продолжува да воодушевува. Неверојатниот град веќе го има најголемиот вештачки остров во светот Палма Џумеира, а наскоро во метрополата ќе се појави најголемата вештачка крајбрежна шума на Земјата - Мангровите.
Познато е дека мангровите се способни да апсорбираат 1,23 милиони тони јаглерод диоксид годишно - приближно исто количество произведено од 260.000 автомобили со традиционални мотори. Според извештаите, технологиите за вештачка интелигенција, сателити и беспилотни возила ќе се користат за следење на овие шуми, а своето место ќе го најдат во шест крајбрежни области: плажата Џебел Али, Марина на Дубаи, Џумеира, Ум Сукеим и плажата на островите Дубаи. Шумата ќе содржи еко-патеки за пешачење, возење велосипед и трчање, рекреативни површини на плажа, паркови и неколку еко центри.
Оваа иницијатива не е само еколошка, туку содржи и образовни средства, како што е Центарот за посетители на Mangrove. Ботаничкиот музеј и Центарот за зачувување на природните резервати ќе охрабруваат истражување, едукација и ќе промовираат грижа за животната средина. „Овој проект е за многу повеќе од обнова или отпорност на крајбрежјето - се работи за поставување глобален стандард за тоа како градовите можат да ги балансираат потребите на планетата со потребите на луѓето“, објасни извршниот директор на УРБ.
Во Центарот за зачувување на природата, гостите ќе можат да научат за мангровите и заштитата на животната средина, додека ботаничкиот музеј ќе содржи експонати кои ќе ја објаснуваат историјата на еволуцијата и адаптацијата на растенијата, како и експонати за заштита на крајбрежјето и климатските промени.
Развојот на „Dubai Mangrove Forests“ го врши локалната компанија Урб. Проектот моментално е во фаза на истражување, не се објавени датуми за завршување, но мангровите на Дубаи несомнено ќе бидат енергичен додаток на веќе живиот град.
ФОТО: Инстаграм