Фаучи е катастрофа и идиот: Доналд Трамп веќе не бира зборови пред претседателските избори
Во пресрет на претседателските избори, Американскиот претседател Доналд Трамп во својата реторика често се потпира на пандемијата со коронавирус. И што е најинтересно, без пардон ги напаѓа научниците и стручњаците.
Негова повторна мета беше главниот стручњак за јавно здравје на САД, Ентони Фаучи, заради управувањето со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, нарекувајќи го „катастрофа“.
Трамп ова го рече во телефонски разговор со неговиот штаб за кампањата, кој бил проследен до Си-Ен-Ен и други американски медиуми.
„Луѓето се уморни од слушање на Фаучи и сите тие идиоти“, рече Трамп во понеделникот, тврдат извештаите.
Нападот врз Фаучи е особено значаен затоа што самиот Трамп гледа до кој степен јавноста има доверба и негува почит кон водечкиот американски експерт за заразни болести.
Инаку, кампањата на Трамп дури го користи Фаучи во неговите изборни видеа. Фаучи остро се спротивстави на таквата употреба во кампањата на Трамп затоа што тој е строго непартиска личност.
Инаку, Фаучи остро ја критикуваше администрацијата на Трамп, велејќи дека Трамп изгледа погрешно го поистоветува носењето маски со „слабост“.
Фаучи рече дека воопшто не е изненаден што Трамп се зарази со коронавирус затоа што не ги следи упатствата за социјално дистанцирање и не користи маска.