Фотографија од сириски татко без една нога, кој го држи својот син роден без екстремитети, е прогласена за фотографија на годината за меѓународните фото награди во Сиена (SIPA) за 2021 година. Фотографијата се вика „Тежината на животот“, а е направена од турскиот фотограф Мехмет Аслан во турската провинција Хатај.
Таткото на ова момче, Мунзир, ја загубил десната нога кога била фрлена бомба додека се шетал во Идлиб, Сирија. Неговиот син Мустафа е роден без екстремитети поради тетра-амелија, вродено нарушување предизвикано од лекови што неговата мајка Зејнеп морала да ги зема по вдишување нервен гас ослободен за време на војната во Сирија. На Мустафа во иднина ќе му требаат специјални електронски протези кои, за жал, се уште ги нема во Турција.