„Херојството е за пред телевизија. Знаете, после војна сите се Генерали!“: Статус кој стана вирален, а е посветен за херојството на сите таа кобна вечер

Жителот на Кочани Иле Матеничарски, сподели статус за херојството и за помошта што сите ја даваа вечерта кога се случи пожарот во дискотеката Пулс во Кочани.
„За херојството и околу него!
Херој, збор што последниве денови кружи низ социјалните мрежи и се шири како зараза за тоа кој, што и колку животи спасил таа кобна 16 мартовска ноќ.
Разни писанија во кои се величат поедини ликови дека токму тие спасиле десетици, ДВАЕСЕТ И ЕДЕН, па дури и стотици животи во дискотеката на смртта. Навистина не знам како успеавте да ги изброите сите спасени животи и како во тој хаос наместо да помагате вие броевте ЛУЃЕ, за утре да бидете ХЕРОИ!
Дали навистина мислите дека граѓанската должност да се помогне некому во неволја и извршувањето на работните задачи некој треба преку ноќ да го направи херој? Дали навистина мислите дека сега и во овие моменти е потребно да зборуваме за херојство наместо да ја наведнеме главата и да сочустуваме! Колетивно да тагуваме по загубите, да се запрашаме дали ние со некое наше однесување сме придонеле за ваквиот нефункционален систем и да очекуваме дека правдата, ако таа воопшто постои во Македонија, ќе ја види светлоста на денот.
Помолете се и почесто спомнувајте ги сите 59 настрадани ЗЛАТНИ ДЕЦА, помолете се за душевен мир на нивните фамилии, помолете се за здравје на повредените и поскоро враќање во нивните домови, помолете се за нашето КОЧАНИ!
Граду мој никогаш повеќе нема да бидеш ист!
Кочански ангели на небото вие за жал со ЖИВОТ ја плативте цената на корумпираниот систем. Чувајте не од горе и простете за се што погрешивме, за се што премолчивме....“, напиша тој на фејсбук.