И мажите и жените на иста возраст ќе одат во пензија
Нема да има намалување на старосната граница за пензионирање, но во пензиските реформи ќе има изедначување на годините за пензионирање на мажите и жените, изјави денеска Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.
„Ние пензиските реформи ги навестивме и веќе следната недела имаме меѓусекторски состанок. Сакам да потенцирам дека во предвидените измени не е планирано намалување на возрасната граница за пензионирање туку изедначување на возраста за пензионирањето меѓу мажите и жените што е и уставна категорија, рече Битиќи.
Изедначувањето сепак не беше споменето во програмата на Владата за новиот мандат. Веќе пишувавме дека Владата планира да даде можност за предвремено пензионирање, но со намалување на износот за пензија. Дополнително беше најавено и дека мажите и жените ќе се пензионираат задолжително со навршување на годините за пензија односно 62 години за жени и 64 за мажи.