Импровизираната метална врата била заклучена, покриена со сунѓер: Откриен хорор по увидот во дискотеката на смртта во Кочани

- Обвинителот Љупчо Коцевски го истакна големиот број на грешки пронајдени во дискотеката во која загинаа 59 лица.
-За 10 лица ќе се бара краткотраен притвор, а наредено е апсење на сите кои придонеле за инцидентот.
Во првите часови од истрагата во дискотеката во која загинаа 59 лица, беа откриени десетици грешки. Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски наброја дел од нив, нагласувајќи дека „пропустите се навистина многу големи“. За 10 лица ќе се бара краткотраен притвор.- Од увид на јавни обвинители, заедно со инспектори од Службата за државна безбедност, е утврдено дека објектот немал хидрантска мрежа, ниту хидрант, немало доволен број на ПП апарати, односно имал само два, вратата на заедниот дел била затворена и без квака од внатрешната странa, а објекотот бил непрописно обложен со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од три метри без соодветна дозвола и без друштво со овластување за палење на пиротехничките материјали. Бил регистриран како деловен објект за лесна индустрија и не е извршена пренамена во угостителски објект.
Сослушан еден од организаторите на настанот и дека немало писмен договор меѓу организаторот и групата за организирање на концертот.
Над 20 лица, посочи Коцевски, се сослушани во текот на денешниот ден за случајот, а потврди дека на информативен разговор во Скопје е повикан и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши.
Коцевски, информираше дека за случајот е формиран обвинителски тим од двајца јавни обвинители од ОЈО Скопје, двајца од ОЈО Кочани и двајца од ОЈО Штип, кои извршиле увид на лице место, кој се уште не е завршен и ќе продолжи во текот на утрешниот ден, а најави дека за утре ќе бидат ангажирани и три до пет јавни обвинители од Скопје.
Според Коцевски, се работи за навистина сложен предмет и има многу работи што треба да се испитуваат, посочувајќи дека досега се преземени низа активности – наредби за обдукција на жртвите, наредби за преземање мерки до МВР и БЈБ за апсење на секое лице кое со своето постапување или не постапување придонело за настанот и да се испита неговата улога, наредба за анализа на одземени предмети, предлог за издавање наредба за одземање видео снимки од безбедносни камери, предлог за издавање наредба за привремено одземање документација на правниот субјект, барање за претрес во дом и други простори и барање за меѓу институционална соработка до ОЈО ГОКК.
- Објектот немал хидрантска мрежа, ниту хидрант. Немало доволен број на ПП апарати, односно имал само два. Немал две излезни врати, туку само една единечна импровизирана метална врата на задниот дел од објектот, која била заклучена и без квака од внатрешната страна и обложена со гипс картон и звучна изолација. Немало пристап од две страни за ПП возила, согласно правилник за пожари, внатрешноста на објектот бил обложен со гипс картон, но не бил со огноотпорни својства, немало спуштен таван со огноотпорни својства, немало врати со противпожарна отпорност, ниту пак систем за кочење на вратите и известување на присутните за пожар. Истата била и непрописно обложена со материјали за звучна изолација и за визуелни ефекти со лесно согорливи материјали. Во објектот противзаконски биле користени пиротехнички материјали на висина од три метри без соодветна дозвола и без друштво со овластување за палење на пиротехничките материјали, изјави Коцевски.
Јавното обвинителство, посочи Коцевски, се уште нема донесено наредба за спроведување на истражна постапка, а се работи на преземање повеќе дејствија за утврдување на кривична одговорност на повеќе лица за повеќе кривични дела – „тешки дела против општата сигурност“, како и постоење основано сомнение за постоење други кривични дела поради што ќе биде даден предлог за определувања мерка за краткотраен притвор.
Коцевски, информираше дека е сослушан еден од првоосомничени, односно еден од организаторите и од неговиот исказ дадени се одредени релевантни докази.
- Од тоа можам да кажам само дека нема писмен договор меѓу организаторот и групата за организирање на концертот. Во конкретниот случај може да кажам дека евентуално може да се работи за кривични дела од тоа што претходно го напоменав, за давање и примање поткупи и за кривично дело во врска со пиротехничките средства, посочи Коцевски.
-Лицата постапувале спротивно на прописите и техничките правила на мерките за заштита и со тоа предизвикале опасност за животот и делото на луѓето од големи размери, изјави Коцевски.
Во синоќешниот пожар во дискотеката во Кочани, според првичните информации на МВР, бројот на починати е 59, а 155 се повредени.