Јосиф Михајловиќ - Јурукоски, творец на модерното Скопје и господин човек, џентлмен пар екселанс

Неоспорен факт е дека не треба да живееме во минатото, туку да се концентрираме на сегашноста, иднината, но сепак не смееме ни да го заборавиме, потиснеме за одвреме-навреме да се присетиме на моралните вредности, па и на другите квалитети што, за жал, во последно време ги снемува, исчезнуваат. „Машки магазин“ е тука за да ве потсети дека сеќавањето на историските личности, настани е добредојдена причина за да продолжиме натаму во правец на добробит, благосостојба, преку нивните примери. За Јосиф Михајловиќ - Јурукоски се пишува ретко, тукуречи никогаш, но заслужува да му се укаже внимание поради капиталните градби во Скопје за време на градоначалничкиот мандат во периодот меѓу двете светски војни. Одозгора бил и господин човек, џентлмен пар екселанс.

Некогашниот градоначалник, претседателот на Скопје, Јосиф Михајловиќ - Јурукоски е пример за морален човек, личност која несомнено треба да послужи како вдахновение, инспирација на сите градски татковци, мајки (сега и во иднина) за да одиме напред, а не да цупкаме во место како што правиме неколку децении. Секако дека ги респектираме исклучоците, но реалноста е поинаква. И вистината, се разбира. 

Градоначалникот во никаков случај не смее да биде партиски кадар, ниту лаком за пари, ненаситен за материјално богатство бидејќи пропаста е гарантирана. Индивидуалноста е особено важна, независноста и непокорноста, вклучително и развиеното чувство за убавото, смислата за убавото. Списокот е долг, секако. Претседателот или претседателката на градот мора да биде господин човек, џентлмен во буквална смисла на зборот или дама, леди со чест, карактер и пристојност, добро воспитан/а и со такво, добро однесување - градско, се разбира. Велат дека таткото на Скопје меѓу двете светски војни ги поседувал гореспоменатите квалитети, не злоупотребувајќи ги никогаш, како впрочем и позицијата. Но, сеќавањето на Јосиф Михајловиќ - Јурукоски е или поматено или заборавено, намерно или не, којзнае.

Дали можете да се сетите на некоја скопска улица што го носи неговото име? Некаде во центарот на градот, можеби? Сигурно не. Всушност има, но се работи за уличка, да не речеме сокак во Старата чаршија, близу етнографскиот, односно Музејот на Македонија и опфаќа десетина куќи, може и помалку. Очигледно дека неговиот придонес во изградбата на капиталните објекти е подзаборавен, а не бил ни малку занемарлив. Напротив, Јосиф Михајловиќ - Јурукоски важел за угледен човек, личност за која се говорело со длабока почит. Неговиот авторитет бил неприкосновен и, што е особено важно, никогаш не го изгубил. Причината е, секако, успешната работа. 

Во текот на двата мандата, првиот од 1929 до 1936 и вториот од 1939 до 1941 година, кога починал, придонел за Скопје од касаба во стилот на Ориентот да прерасне во модерен град, благодарејќи на целосната посветеност која била очигледна, забележлива и во начинот, стилот на работа, односно извршувањето на работните обврски. Како што доликува на секој вистински, прав господин човек, џентлмен, облечен во темен костум, со вратоврска или папилотка и џебно шамиче, со цилиндар и ракавици кога било неопходно за да се испочитува кодексот, пред сѐ моралниот, шетал низ Скопје или пеш или со пајтон и набљудувал за веднаш потоа да ги донесе решенијата за градење, во консултација со неговите соработници, неретко и студентите. Иако бил архитект, специјалист по архитектура, ѝ верувал на екипата околу него, а и сметал дека треба да се консултира со младината заради современите погледи. 

Знаел одвреме-навреме и да лета со авион за одозгора да го посматра градот бидејќи од високо имал најубава прегледност. Јосиф Михајловиќ - Јурукоски веднаш по неговото именување на 29 јануари 1929-та се качил на летало за неколкупати да го прелета, обиколи Скопје, да изврши мерење и слично, и урбанистичкото решение на градот се донело без каков и да е скандал. Всушност, каралот Александар Караѓорѓевиќ му го доверил градоначалничкиот мандат за Скопје да го претвори во модерен, современ град по теркот на европските, светските метрополи, за долго сеќавање на Стефан Душан, српскиот крал устоличен во Скопје на 8 септември 1331-ва, откако се уверил во неговата чест, карактерот и пристојноста, вклучително и стручноста, односно професионализмот.

Се разбира, сеопфатниот курикулум на Јосиф Михајловиќ - Јурукоски се покажал и на дело, па така, во текот на целиот негов мандат, 1929-1936 и 1939-1941 година, во градот се подигнале најзначајните градежни објекти, се уредил катастарот, а се попишало и населението благодарејќи на дваесет и петте дипломирани геометри, вклучително и двесте и педесетте студенти по геодезија - практиканти. Од капиталните градби се издвојуваат Собранието на Република Македонија, Зеленото пазарче до него, железничката станица во нивна близина (разрушена во земјотресот - 1963-та), Црвениот крст, Народната банка (урната за време на земјотресот), Офицерскиот дом (срамнет во 1963-та), хидроцентралата Матка на реката Треска, водоводот на изворот Рашче, канализацијата, градскиот парк и зоолошката градина. Истовремено ја проширил и електричната мрежа, изградил две гимназии - машката (Св. Кирил и Методиј) и женската (Кралица Марија) и неколку основни училишта (вкупно десетина), детското одморалиште Горно Водно, улици во должина од двесте и осумдесет километри, дваесетина крстосници, надвозници, подвозници, фудбалски, тениски игралишта, ја реставрирал опожарената библиотека на Иса-бег во која се наоѓала и една од медицинските книги на Хипократ, ја проширил градската болница и така натаму. 

А, сѐ започнало во селото Тресонче, близу до Маврово, каде што се родил, четириесет и две години пред неговото именување за градоначалник на Скопје - во 1887-ма. Оттаму се и други истакнати Македонци, припадници на племето на Мијаците. Таткото на Јосиф - Михајло, член на семејството Јурукоски, се занимавал со реставрација на цркви и манастири, претежно во Македонија и Косово, а мајка му - Христина била внука на мијачкиот главатар - лазарополецот Ѓурчин Кокале. Се школувал на Скопска Црна Гора, во Скопје и во Солун (основно и средно училиште), а дипломирал на Техничкиот факултет во Белград (архитектонски отсек) во 1910-та. 

Во наредната година му се посветил и на романскиот и на ренесансниот стил во архитектурата, на едногодишен студиски престој во северна Италија. По враќањето ѝ се приклучил на четата на Доксим Михајловиќ алиас Дебранец за да учествува во Кумановската битка, во рамките на Првата балканска војна, но тешко го раниле во главата уште првиот ден. Откога му заздравила раната, ѝ се приклучил на српската војска со цел да учествува во Првата светска војна, но набрзо се повлекла на Крф, преку Албанија. Оттаму се упатил во САД за да регрутира нови сили, да собира помош за ослободување на јужна Србија, но и да стекне југословенско, т.е. републиканско убедување. 

Во 1922-ра се вратил и го основал градежното друштво Феникс, учествувајќи во изградбата на железничката пруга Белград-Ужице. Две години, од 1926-та до 1928-ма, престојувал во Англија каде што докторирал на тема парковски градови, а во наредната, 1929-та, е именуван за градоначалник, претседател на Скопје. Причината за сменувањето од градоначалничката должност во 1936-та било неговото противречење на Милан Стојадиновиќ, тогашниот премиер на Кралството Југославија, воедно и министер за надворешни работи. 

Јосиф Михајловиќ - Јурукоски не ја прифатил, т.е. ја одбил понудата за снабдување на градот со струја од страна на компанијата чиј акционер бил и претседателот на владата, а скопскиот градоначалник се ангажирал околу изградбата на хидроцентралата Матка на реката Треска. Останатото е историја. И за Скопје и за скопјан(к)и.

Во денешно, време на препукување, т.е. водење на дискусии без полза и корист и за Скопје и за скопјан(к)и, навраќањето на минатото, неговото потсетување очигледно е повеќе од неопходно за градоначалниците и градоначалничките, не само на метрополата, туку и на градовите, општините од внатрешноста, да се угледаат на Јосиф Михајловиќ - Јурукоски во однос на неговото претседателствување со Скопје, да видат како е правилно, ако не знаат. Сепак, избрани се од граѓан(к)ите и логично е да работат за нивен интерес, а не за личен и партиски. Со чест на исклучоците. 

Игор Ландсберг

Фотографии: Државен архив, дел од изложбата „Скопска градска општина“