Камп приколки се продаваат, но зошто тешко се наоѓаат купувачи?

За 800, 1.300 или 2.500 евра можете да си купите камп приколка. Има многу камп приколки кои се ставени на оглас за продажба, но газдите велат дека купувачи тешко се наоѓаат.

Тие сметаат дека навиките кај луѓето се промениле и дека младите денес ниту имаат доволно време за да кампуваат, за да можат подолг период во текот на летото да ја користат камп приколката или едноставно се заинтересирани за поинаков тип на сместување.

„Мојата камп приколка е со површина од 14 квадрати. Јас кампувам од 1987 година и ќе кампувам додека можам. Кој е љубител на кампувањето, може да си купи камп приколка, убаво е, посебно за пензионери со внучиња, но младите како што гледам бараат поинакво сместување или ако отидат во Охрид, кампуваат во шатори за 2-3 дена. Со камп приколката сум бил на Градиште, на Треска, во Грција. Бев и во Хрватска, но не забележав нешто дека има многу камп приколки, не сретнав. Младите кои работат во приватен сектор, се зафатени и веројатно немаат толку многу време за кампуваат“, вели Драган Марковски, сопственик на камп приколка.

Според дел од сопствениците, се исплати да си купите камп приколка и да ја издавате на туристи, а според други, тоа тешко ќе оди затоа што имаме кратка летна сезона и голем избор на сместувачки капацитети.

„Мојата камп приколка е со 30 квадрати. Се јавуваат, прашуваат, но не се нешто сериозни за да ја купат. Ако ја издавате и ако за 10 дена наплатувате по 200 евра, тоа ви се 600 евра во месецот, со две години издавање вие ќе ја вратите инвестицијата. Цената за продажба е 2.500 евра и мислам дека не е скапо“, вели ресенчанец.

Скопјанка исто продава камп приколка со цел да ослободи простор во дворот.

„Ја продавам, но никој не дошол да ја види. Бараат да е регистрирана за да можат со неа да одат во Грција или во Охрид. Има доволно простор, може да собере цело семејство. Јас сакам да си ослободам простор на плацот за градење, но не се оптоварувам многу, ако ја продадам добро, ако не ја продадам, пак добро, ќе се продаде во иднина“, вели скопјанка.

Ангелина од Скопје успеала за брзо време да ја продаде својата камп приколка, а се јавиле семејни луѓе за да ја купат, затоа што уживаат во кампувањето.

„Ја користевме 35 години и навистина е убаво да се има камп приколка. Но, ние остаревме, повеќе сме за хотелско сместување во овие години, а децата сакаат да одат во странство и ја продадов. Ми се јавија луѓе кои точно знаеја што сакаат. Младите едно е што немаат доволно време, за да одат на кампување, работат во приватен сектор, а за викенди гледаат да отидат во Грција“, рече Ангелина.

Се продаваат камп приколки во Охрид, Дојран, во преспанско и во други делови на Македонија.

Сања Атанасовска

foto freepik.com/jcomp