Капакот на ВЦ школката штити од потенцијална инфекција со коронавирус

Ако не го спуштите капакот на тоалетот при испирање на школка, можете да ги вдишите аеросолните честички што се формираат, отворајќи го патот за потенцијална инфекција, вклучително и инфекција со коронавирус, велат кинеските научници, кои ги објавиле резултатите во списанието Physics of Fluids.

Тие пресметале дека по испуштањето вода во вц школката, се создава аеросолен ефект и се распрснуваат ситни капки од земја до висина од 91 сантиметар, што значи дека можат да стигнат до респираторниот систем, пишува Би-Би-Си.

Со спуштање на капакот, ќе се избегне ширењето на бактерии и вируси од добиениот аеросол, велат научниците од универзитетот „Јангжу“.

Коронавирусот се шири со капки, кашлање и кивање низ воздухот или преку предмети заразени со вирусот.

Трагите од вирусот се пронајдени и кај фецесот кај заразените лица, иако сè уште не е познато дали болеста се пренесува на овој начин.

Научниците од целиот свет тестираат системи за отпадни води за да утврдат како некои пациенти се заразиле со коронавирусот.

Не треба да се заборави дека и другите вируси и бактерии можат да се шират со лошо одржување на хигиената на  во тоалетите.

Кога е можно, спуштете го капакот

Џи-Ксијанг Ванг и неговите колеги од универзитетот „Јангжу“ објаснија дека, за време на пуштањето вода во школката, ги погодува нејзините sидови, создавајќи движење на вител и многу ситни капки кои можат да лебдат во воздухот повеќе од една минута.

Д-р Брајан Бздек, од Центарот за истражување на аеросол на Универзитетот во Бристол, вели дека нема јасни докази дека коронавирусот би можел да се шири на овој начин, но смета дека е оправдано да се преземат мерки на претпазливост.

Авторите на студијата сугерираат дека секогаш кога е можно да го спуштиме капакотна школката, редовно да ја одржуваме неговата хигиена и да ги миеме рацете после употреба на тоалетот.

„Иако ова истражување не укажува дека овие мерки го намалуваат пренесувањето на вирусот САРС-КоВ-2, многу други вируси и бактерии се шират по фекално-орален пат“, предупредуваат тие.