ЌЕ СЕ ГОРИ ЛИ 35 ТОНИ ПЛАСТИКА ДНЕВНО ВО НЕГОТИНО? Фирма која ја изгуби еколошката дозвола во Желино пикираше нова локација

На помалку од 500 метри од локацијата на која „Зока Енерџи Солушн“, како стратешки проект требаше од отпад да прави електрична енергија, друга фирма се обидува да добие дозвола за нова фабрика, овојпат за согорување на 35 тони пластика дневно, а од која според планот доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање, треба да се прави пиролитичко масло и син гас, а се остава можност и за производство на електрична енергија.

Откако проектот пристигнал во Министерството за животна средина, министерот Изет Меџити испратил писмо до градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов, за мислење за изведба на проектот на фирмата „Даблју еко“ од Скопје, насловен „Воспоставување на инсталација за термичка декомпозиција на пластика со капацитет од 35 тони на ден“.

На својата подружница во Желино, каде и почна иницијалниот проект за согорување пластика, фирмата имаше А-интегрирана еколошка дозвола, но во 2023 година истата беше одземена, откако не ја ставила во функција инсталацијата за третман на пластика и отпад од пластика лоцирана во Желино. 

По изгубената дозвола во Желино, во 2023 година фирмата се обидува овој проект да го премести и во Општина Петровец, а лани, „Даблју еко“ дава проект во кој е наведено дека сака да согорува пластика во Неготино и својот проект го доставува во Министерството за животна средина. Одговорот кој Општина Неготино го дава до Министерството за оваа фабрика е негативен. 

„Согласно планската документација, на градежната парцела е предвидена намена Е3-некомпатибилна инфраструктура (резервоари за деривати над 200т, трансформации над 20kV, пречистителни станици), а во табелата со нумерички показатели и во посебните одредби од планската документација е намена Г2-лесна и незагадувачка индустрија, што укажува на тоа дека е настаната техничка грешка и истата Општина Неготино треба согласно Законот за урбанистичко планирање соодветно да ја коригира со исправка на техничка грешка. За намерата за изведување на проектот на „Даблју Еко“ ДООЕЛ од Скопје, потребно е на градежната парцела да е предвидена намена Е3.1-Постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад. Поради несовпаѓање со предвидената намена на градежното земјиште во урбанистичкиот план со вашето барање, Општина Неготино дава негативно мислење“, стои во одговорот потпишан од градоначалникот Стојанов.

Но, и покрај тоа што одговорот е негативен, жителите стравуваат дека сепак е можно да се најде начин и во следниот период, во нивната околина да почне да се согорува пластика. 

Фактор побара став од здружението Ековита, кое се залага за здрава животна средина во Неготино. Од таму ни посочија дека постоеле две иницијативи за вонреден инспекциски надзор за тоа што „Даблју Еко“ работи на парцелите во Неготино, а по негативното мислење од страна на Општината. Одговорот кој го добиле најпосле бил кус и во него пишувало дека Државниот инспекторат за животна средина заедно со лице од Општина Неготино излегле на увид, направиле фото албум, а констатирано е дека на парцелата на фирмата нема почнато никаква работна активност.

Проектот на „Даблју Еко“ предвидува од пластиката освен пиролитичко масло и син гас, да се добие и саѓи - остаток од јаглен. Во листата какво влијание ќе има врз животната средина, меѓу другото се наведува дека „Се очекуваат минимални емисии од мобилни извори - транспортните средства кои ќе доставуваат суровина и кои ќе го транспортираат производот. Како извор на емисии од согорување на фосилно гориво може да се смета и оџакот од согорување на пиролитичкиот гас кој го загрева реакторот. Извор на емисии (фугитивни) може да биде и дробилката за пластиката сместена во истиот објект“, „Емисии од производни процеси, како извор на емисии од согорување на фосилно гориво може да се смета и оџакот од согорување на пиролитичкиот гас кој го загрева реакторот“, како и „Ризик од пожар и експлозии на суровината и производот“.

„Очекуваните влијанија врз животната средина и природните ресурси од спроведување на проектот спаѓаат во стандардни влијанија од овој вид на активности и можат да бидат избегнати, намалени или компензирани преку спроведување на соодветни мерки и контрола“, стои во проектот на фирмата.

Намерите во овој дел од Македонија да се согорува не се само од оваа фирма. По неуспешната приказна на „Зока Енерџи Солушн“, во 2023 година се појавува кумановската „Стерил Солушн“. Фирмата се обратила до Општината, но добила негативно мислење од градоначалникот Стојанов, кој посочува дека парцелата на која сакале да вршат преработка, третман и селектирање и складирање на отпад, а бидејќи парцелата на која сакале да го сторат тоа има намена „лесна и незагадувачка индустрија“.

„Даблју Еко“ пак, се појавува како трета компанија која сака да работи во овој дел. Додека чека некаде да добие дозвола, фирмата речиси и да не работи - во 2022 година, имала приходи од 3.000 денари, а расходи од над 5 милиони денари, со што работела со загуби од 5,3 милиони денари. Во 2023 година, имала приходи од 6.000 денари, а расходи од 4,9 милиони денари и загуба од неполни 4,9 милиони денари. Лани, фирмата имала 0 денари приходи, а расходи и загуба од 6,9 милиони денари.

Ековита по стратешкиот проект на „Зока Енерџи Солушн“ пак, поднела и барање за оценка на уставноста на Законот за стратешки инвеститори пред Уставен суд. После една година, добиле одговор од Уставниот суд, дека неговите судии се надлежни да одлучуваат по ова прашање.

Александар Тодески