Крај по 18 години брак: Како се запознале Џастин и Софи Трудо
Канадскиот премиер Џастин Трудо и неговата сопруга Софи
Грегоар Трудо објавија дека се разведуваат по 18 години брак. Парот, кој важеше
за еден од најкомпатибилните на политичката сцена, порача дека ќе останат во
добри односи.
Трудо и Грегоар се познавале уште од детството, бидејќи таа еднаш одела во исто одделение со неговиот брат Мајкл.
И, иако сегашната прва дама на Канада еднаш изјави дека се сеќава дека поминувала време во нивниот дом како дете, таа не поминувала многу време со нејзиниот иден сопруг поради тригодишната разлика во годините.
Двојката повторно се сретнала во 2003 година, кога таа имала 28, а тој 31.
Софи потоа му испратила е-пошта во која вели дека ѝ е мило што повторно го гледа, што Трудо го игнорирал.
Повторно се сретнале подоцна истата година, а тој тогаш го побарал нејзиниот број, таа му рекла дека ако ја зачува нејзината е-пошта, ќе знае како да ја контактира.
Трудо конечно одговорил на нејзината е-пошта и таа се согласила да оди на состанок со него.
Џастин подоцна раскажал за Меклин како на првиот состанок ѝ рекол дека ќе го поминат остатокот од животот заедно, а потоа и двајцата почнале да плачат, бидејќи се „големи чувствителни души“.
Во 2021 година, Софи во едно интервју изјавила дека нејзиниот сопруг лесно ги покажува емоциите и дека тоа го смета за привлечно.
Трудо ја запросил на 18 октомври 2004 година, а парот се венчал во Монтреал на 28 мај 2005 година.
Нивната венчавка била нетипична, објавија локалните медиуми, со тоа што нејзиниот фустан не бил целосно бел и немале свадбена торта. Софи за Меклин рече дека сакала нешто поинакво, симпатична масичка со слатки, чај и кафе.
Џастин и Софи имаат три деца: два сина, Ксавиер (15) и Адријан (9) и една ќерка, 14-годишната Ела Грејс.
Двојката вчера објави дека по долги дискусии решиле да го прекинат бракот.
„Како и секогаш, остануваме блиско семејство, во кое се гради длабока љубов и почит еден кон друг и за се што заедно сме постигнале и ќе постигнеме заедно. За доброто на нашите деца, ве молиме почитувајте ја нашата и нивната приватност“, напишале во идентични пораки разделените сопружници.
Кабинетот на Трудо објави дека целото семејство ќе оди на одмор од следната недела.
Која е Софи Грегоар Трудо?
Софи е родена во Монтреал на 24 април 1975 година, како единствено дете на брокер и медицинска сестра.
Иако имала успех работејќи во филмската индустрија, во областа на рекламирањето, односите со медиумите и продажбата, таа решила да се запише на новинарско училиште за да стане радио и ТВ водителка и „веднаш сфатила дека тоа е нејзиниот повик“.
По студиите, почнала да работи како новинар, а потоа како известувач во телевизијата LCN. Извесен период работела и како радио водителка, додека во времето кога почнала да излегува со својот иден сопруг, имала и дополнителна работа како личен асистент во шопинг во луксузната стоковна куќа Холт Ренфрју.
Фото: Youtube - screenshoot