Куќи од стиропор отпорни на земјотреси: Во нив се живее, тежат само 80 кг

Кога ќе слушнете за стиропор, првото нешто што ви паѓа на ум е пакувањето на храната или заштита од кревки предмети. Сепак, Јапонците отидоа чекор понатаму и почнаа да произведуваат куќи од овој материјал, за кој велат дека ќе биде материјал на иднината. Станува збор за необични куќи во форма на купола, кои се најбезбедни во случај на земјотрес, а воедно имаат исклучителни изолациски карактеристики.
Компанијата „Japan Dome House“ изработува куќи од овој материјал повеќе од 20 години, но најголема популарност стекнаа во 2016 година по разорниот земјотрес што ја погоди префектурата Кумамото, во кој животот го загубија 49 лица, а повеќе од 3.000 беа повредени.
Од јапонската компанија истакнуваат дека единственото место кое не било оштетено за време на земјотресот било Кјушу, рурална област каде што бил изграден цел комплекс од нивните иновативни куќи. Овие ултралесни куќи се исклучително отпорни на земјотреси и тежат само 80 килограми.
Сепак, треба да се нагласи дека оваа јапонска компанија не користи стандарден стиропор, туку технолошки го обработила и создала материјал кој е далеку поцврст и поотпорен од стиропорот каков што го знаеме.
Една таква куќа може да се состави за само седум дена, а ја гради тим од тројца работници. Тие користат готови блокови. Се работи за пространа куќа, иако е само 40 квадрати. Овие куќи се долготрајни бидејќи материјалот од кој се направени не рѓосува, ниту пак термитите и другите штетници можат да му направат нешто.
Друга предност на овие куќи е тоа што се исклучително прилагодливи. Откако ќе се заврши основната конструкција, сопственикот на куќата може да одреди како ќе продолжи завршната работа. Овие куќи може да се користат за живеење, но може да се направат и во помал хотелски комплекс, каде што овие куќи претставуваат бунгалови. Исто така, тие можат да се користат како привремени куќи во случај на природна катастрофа.
Патем, неколку стотици од овие куќи се продаваат низ Јапонија секоја година, но сопствениците на компанијата сепак очекуваат нивната популарност да расте.