Ма какви мерки и изолација: Трамп излезе на кратко од болница
Трамп ги изненади своите приврзаници собрани пред болницата кога помина покрај нив во црн теренец и им отпоздравуваше. Тој во возилото беше придружуван од агенти на тајната служба кои носеа маски и друга заштитна опрема.
Претседателот кој е заразен со коронавирус на кратко излезе од болницата за да ги поздрави своите приврзаници, покажувајќи непочитување кон мерките на претпазливост за справување со коронавирусот додека сѐ уште е заразен.
Лекарите на Белата куќа признаа дека тој двапати примил кислородна поддршка во изминатите денови и кажаа дека сега го лекуваат со стероид кој вообичаено им се дава на потешките случаи на ковид-19. И покрај тоа, тие велат дека состојбата на Трамп се подобрува и дека е можно најрано денеска да биде отпуштен од воената болница „Волтер Рид“ и да се врати во Белата куќа.
Од петокот, Трамп објави неколку видеа преку кои ги уверуваше Американците дека заздравува.
„Ова е многу интересно патување. Научив многу за ковид-19“, кажа тој во едно вчерашно видео.
Лекарот Шон Конли вчера призна дека состојбата на Трамп била полоша отколку што претходно се кажуваше.