Македонија се разведува: Месец ноември критичен

Трендот на разводи секаде во светот е во пораст. И тоа трае веќе неколку години.

Според ООН, земја со најголема стапка на развод во светот е Малдиви со 10,97 разводи на 1.000 жители годишно. По ова следат Белорусија со 4,63 и САД со 4,34.

Од друга страна, Либија е нација со најниска стапка на развод во светот со 0,24 разводи на 1000 двојки. Индија со помалку од 1% стапка на развод со принуда за девојките да бидат омажени.

Според Државниот завод на статистика кај нас, бројот на разводите во 2019 година бележи зголемување од 22.8 % во споредба со 2018 година и изнесува 1 990 разведени бракови. Во текот на 2019 година, најмалку бракови, односно 43 или 2.2 % се разведени во месец август , а најмногу, т.е. 244 или 12.3 % во месец ноември. Според траењето на бракот, најголемиот број разводи, односно 430 или 21.6 % се случиле од 5 до 9 години по склучувањето на бракот.

Бројот пак на склучените бракови во 2019 година, во споредба со претходната година, е зголемен за 2.4 % и изнесува 13 814 склучени бракови. Најмногу бракови, 1 747 или 12.6 %, се склучени во месец август, а најмалку во месец февруари, т.е. 809 или 5.9 %. Најчесто е стапувањето во прв брак со учество од 93.3 % за жените и 92.1 % за мажите. Во втор брак со учество од 7.4 % и трет брак со учество 0.6 %, во вкупниот број склучени бракови, почесто стапуваат мажите. Во 2019 година, најголем број бракови 4 563 или 33.0 % се склучени кај жените на возраст од 25 до 29 години. Според возраста, и кај мажите најголемиот број бракови, односно 5 159 или 37.3 %, се случени во истата старосна група од 25 до 29 години. Просечната возраст при склучувањето прв брак е 26.9 години за невестата и 29.7 години за младоженецот.

На Запад, оваа граница е 32.9 за жените и 34.9 за мажите, според ООН. Но, интересно е тоа што истите овие бројки ваќат и за границата за разводи. Само што се зеле, се развеле.

Во скоро сите групи кога се во прашање бракот и разводите, Македонија се наоѓа на средината во споредба со другите земји од светот. Сепак, што се однесува до разводите кај нас, нема податоци за оние кои трпат семејно насилство или други тортури од секаков тип, а не можат да се разведат од икс причини...

 

Н.Т.