Македонската кристална пештера: Чудо на природата
Оваа пештера е една од двете вакви пештери во светот. Во неа може да се најде и види уникатниот кристал – селенит кој освен на ова место го има само уште во Мексико.
Своевидно геолошко чудо е Кристалната пештера. Лоцирана е на половина пат меѓу градот Дебар и бањата Косоврасти, под големиот бел рид во рудникот за гипс на германската фирма „Кнауф“.
Таа е затворена за индивидуални посети, но може да се најави посета на организирана група. Римјаните биле први кои го откриле ова место пред повеќе од 2200 г. Зазема површина од 10-12 км и е најголемо наоѓалиште на гипс на Балканот.
Влезот е на неколку метри над нивото на Дебарското Езеро, а температурата внатре е околу 17 степени. Гипсот во пештерата кој се користи исклучително за медицински потреби, се јавува во 3 форми: алабастер, анхидрит и кристал селенит (Богородичино стакло).
Освен на ова место, со 99,99% чистота селенитот го има само уште во Мексико. Уникатен е поради хемискиот состав, термалните води, условите и притисокот на земјата и ридот.
Целата внатрешност на јамата, трите нивоа, долгите ходници и огромните хали, е исполнета со кристалот. Иако спаѓа меѓу најмеките кристали, тој е компактен и високите сводови немаат потреба од потпора.
По подот пак, има барички од термална вода на чија површина е тенка кора, а на дното бел талог. Водата е полна со калциум, магнезиум и сулфур, и лековита е, особено за кожни болести. Проѕирноста на кристалите, прекршувањето на светлината, разиграноста на зраците и сенките го запираат здивот од убавина и го зголемуваат ова единствено доживување.