Македонското собрание ја има најубавата: Каква е оваа сала?

Зградата на Собранието на Република Македонија е една од најмонументалните градби во Република Македонија, за која во 1930 година бил распишан и конкурс за проектирање (на кој победил архитект Виктор Лукомски), а изградена е во 1938 година по проект на чешкиот архитект Виктор Ј. Худак.

Објектот е концепиран во модерен архитектонски јазик за тоа време, со специфичен масивен разигран волумен и присуство на чисти фасадни елементи, во форма на надворешен петоаголник со внатрешен двор со сала. Применетата фасадна декорација е со геометриски содржини, присутни во одделни партии.

Од вградената орнаментална содржина, најинтересен дел е обработката на кабинетите и ентериерот, проектирни-дизајнирани од Д. Инкриостри (1935-1937) во резба - Сала Длаборез, со комплетно обложување на ѕидовите со дрво, поделени на геометриски полиња, каде се аплицирани во резба различни геометриски, вегетабилни и зооморфни стилизирани мотиви, втемелени на народната уметност и традиција. Изведбата на оваа декорација му била доверена на Глиша Костовски, столар и резбар од Тетово, со неговата тајфа.

Зградата е во употреба од 1939 година како Управна палата на тогашната локална Управа.

По ослободувањето на Скопје 1944 година во зградата е сместена целокупната понова администрација на македонската народна власт: претседателот на Демократска Република Македонија, Народното Собрание, Владата и Уставниот суд.

Во периодот од 1954-1963 година изградени се Свечената сала и Сала 2, а ентериерно се уредени помалите сали во свечениот дел, Охридска и Струшка соба со дрворез на таваните, ѕидовите и вратите изработени од мајсторите на традиционалната резбарска школа од Охрид, како и гипсана декорација изработена од Дримколските мајстори. Малиот свечен салон, салата на Уставна комисија, рeсторанот, како и кабинетите, ентериерно се уредени со ламперија во интарзија.


Со земјотресот што го зафати Скопје во 1963 година, зградата на Собранието видно беше оштетена, после што беа преземени големи зафати за нејзино санирање и реконструкција.

До денес, претрпе значителни измени, а конечниот надворешен лик го доби со неколкуте стаклени куполи како и измени во внатрешноста.

Не е тајна дека ова е една од најскапите згради која плени со ентериерот и екстериерот. Можеби немаме дворец, ама ова е нешто слично на кралско здание.

Особено внимание привлекува Охридската сала, која покрај салата на кабинетот на претседателот на Собранието (сала Длаборез) е една од најрепрезентативните.

Салата е изградена во 1954 година, со првата реконструкција на свечениот дел на зградата а се користи исклучиво од страна на претседателот на Собранието.

Таму се одржува редовна координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи, како и за протоколарни работи, потпишување на изјави, работни состаноци и други активности.

Со ентериерното уредување во 1954 година изведена е резба на ѕидовите, таванот, вратите и столиците со народни мотиви од поднебјето на Македонија.

 Резбата е изработена од ореово дрво од мајстори на охридската резбарска школа и по нив салата е наречена Охридска сала.

Извор и фотографии: Собрание на РСМ