Маршалот Тито одбиваше да јаде само едно нешто

Поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито важеше за голем хедонист. Иако се релаксираше со вискито “Chivas royal solute” старо 20 години и пушеше пури од Хавана, тој не беше особено пребирлив кога стануваше збор за храната.

Како што тврди неговиот последен батлер Јоже Осели во книгата „Последните денови на Тито“, на доживотниот претседател на СФРЈ секогаш му се сервирало различно месо, ордевери и салати, а тој самиот си кажувал што би сакал да јаде во одреден момент.

- Донесовме полжави, а тој ми рече: „Ах не, јас навистина не би јадел полжави“ - откри славниот словенечки готвач, кој заедно со сопругата Метка, се грижеше за храната и приемите на претседателот во неговата резиденција на Брдо кај Крањ седум и пол години.

Јосип Броз Тито ја обожаваше загорската кујна, а пред се Штрукли (вид пита). Го сакаше особено говедското месо, а утрото го започнуваше со кратко еспресо без шеќер, пренесува „Аваз“.

Кога доби подарок чај од женшен во Северна Кореја, го започна ритуалот на пиење на овој пијалок пред спиење.

Благодарение на неговата работа за претседателот, Осели готвеше за многу познати луѓе од светот на политиката и филмот.

За време на посетата на британската кралица Елизабета Втора на Бриони, ја послужија со сарма направена од лозов лист и јагнешко, додека на последниот претседател на СССР, Михаил Горбачов, особено му се допадна паштетата со пастрмка.

Познатата филмска дива Елизабет Тејлор обожаваше да јаде бифтек, а нејзиниот сопруг Ричард Бартон најмногу уживаше во месо на скара.