Михаил Горбачов, историјата и Студената војна: Последниот советски лидер почина на 91-годишна возраст

фото:PROFIMEDIA
Михаил Горбачов, поранешниот лидер на Советскиот Сојуз (СССР) и човекот одговорен за мирниот крај на Студената војна, почина на 91-годишна возраст.
Тој дојде на власт во СССР во 1985 година, по што ја отвори земјата кон светот и воведе низа реформи.
Меѓутоа, Горбачов не успеа да го спречи распадот на СССР.
Болницата во Москва каде што почина Горбачов објави дека тој се борел со долга и тешка болест.
Последните години неговата здравствена состојба се влошила и многу време поминувал во болница. Во јуни странските медиуми објавија дека му откажале бубрезите. Од болницата се уште не ја соопштуваат причината за смртта.
Претседателот на Русија Владимир Путин изрази сочувство за смртта на поранешниот советски лидер, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, а пренесува агенцијата Интерфакс.
Џозеф Бајден, претседателот на Америка, го нарече „лидер кој ретко се гледа“ и истакна дека тој е единствен политичар „кој имал визија дека е можна поинаква иднина“.
Урсула фон дер Лајен го нарече Горбачов „почитуван и сигурен“ лидер кој „ја отвори вратата за слободна Европа“.
„Неговото наследство нема да биде заборавено“, додаде таа.
Борис Џонсон, британскиот премиер, рече дека се восхитува на храброста и интегритетот на поранешниот советски лидер.
„Во времето на агресијата на Путин против Украина, неговата неуморна посветеност на отворањето на советското општество останува пример за сите нас.
Во 1985 година, Горбачов стана генерален секретар на Комунистичката партија на СССР и де факто лидер на државата.
Тогаш, како 54-годишен, тој беше најмладиот член на Политбирото, извршното тело кое носеше одлуки во државата.
Во тоа време, неговото назначување се сметаше за ветар во грб во организација на стари политичари.
Константин Черненко, претходникот на Горбачов, почина на 73-годишна возраст по само една година на функцијата.
Малкумина лидери имале толку големо влијание врз светската политика и поредок како Горбачов. Сепак, тој не дојде на власт со идеја да го намали, па дури и целосно да го отстрани советското влијание во Источна Европа. Неговата првична идеја беше да ги ревитализира општествата во тој дел од Европа.
Советската економија со години се бореше да држи чекор со Западот, а политиката на Горбачов за перестројка воведе некои пазарни реформи во системот контролиран од државата.
На меѓународен план, тој постигна договор за контрола на оружјето со Америка и одби да интервенира во државите од Источна Европа кога комунизмот почна да паѓа.
Горбачов, исто така, стави крај на крвавата војна во Авганистан, земјата во која советската армија влезе во 1979 година.
Неговата политика на гласност или отвореност им овозможи на луѓето да ја критикуваат владата на начин што дотогаш беше незамислив.
Но, оваа политика истовремено ја отвори вратата за националистичките чувства во многу делови на СССР, а тоа подоцна влијаеше на распадот на државата.
Во 1991 година, по неуспешниот пуч организиран од тврдокорните комунисти, Горбачов се согласи да го распушти Советскиот Сојуз и да ја напушти функцијата.
На Запад, тој се сметаше за архитект на реформите кои создадоа услови за завршување на Студената војна во 1991 година, во време на големи тензии меѓу СССР и западните земји предводени од Америка и Велика Британија.
Во 1990 година, Горбачов ја доби Нобеловата награда за мир за неговата „водечка улога во радикалните промени во односите Исток-Запад“.
Но, во новата Русија која се појави по распадот на СССР, Горбачов беше на работ на политичката сцена и се фокусираше на образовни и хуманитарни проекти.
Во 1996 година се обиде да се врати во политичкиот живот, но на претседателските избори освои само 0,5 отсто од гласовите.
Колку неговото наследство ја подели домашната и странската јавност сведочат коментарите на веста за неговата смрт.
Хенри Кисинџер, американскиот државен секретар за време на претседателот Ричард Никсон, изјави за BBC Newsnight дека „Горбачов ќе биде запаметен како иницијатор на историските промени од кои корист имал рускиот народ и целото човештво“.
Џејмс Бејкер, кој беше еден од преговарачите со советската влада за повторно обединување на Германија, изјави за Њујорк Тајмс дека „историјата ќе го памети Горбачов како џин кој водел голема нација до демократија“.
Но, многу Руси не можат да му простат за превирањата и хаосот по распадот на СССР.
Владимир Рогов, функционер назначен од Русија во окупираниот дел на Украина, рече дека Горбачов „намерно го доведе СССР до колапс“ и го нарече предавник.
Горбачов ќе биде погребан во Москва на гробиштата Новодевичи, покрај неговата сопруга Раиса, која почина во 1999 година од леукемија, објави руската новинска агенција Тас.
извор:bbc.com