Мистеријата за „киселата глава“: Вистинска е, но како заврши во тегла и чија е?

Повеќе од 177 години по егзекуцијата, серискиот убиец Диого Алвеш сè уште ги заплашува случајните минувачи кои се сретнуваат со неговиот студен поглед. А, неговата совршено зачувана глава е во стаклена тегла на Медицинскиот факултет ...

Роден во 1810 година во Галиција, автономна шпанска провинција која се граничи со Португалија, Алвеш од рана возраст работел како слуга во домовите на богати граѓани во Лисабон. Кога наполнил 26 години, започнал да работи во куќи покрај аквадуктот Аквас Ливрес, канал долг 18 километри, кој не само што го снабдувал градот со вода, туку бил мост и пат за трговците. Токму тогаш, Диого Алвеш ја започна својата серија убиства.

Алвеш ги чекал своите жртви на мостот додека се враќале од градот со заработените пари. Откако ги ограбил, ги фрлил од аквадуктот висок 65 метри. Прво, полицијата помислила дека станува збор за низа самоубиства, но локалното население наскоро започнало да се сомнева дека меѓу нив има и убиец. Во следните три години, Алвеш убил 70 луѓе, а полицијата на крајот го затворила мостот. Сепак, тоа не го спречило Диого да продолжи со своите сурови дела. Тој формирал банда која ограбувала и убивала сопственици на богати живеалишта во кои работел, а откако упаднал во куќата на лекар и го убил целото семејство, полицијата го фатила.

Убиецот од аквадуктот бил погубен со бесење, но тоа не било крајот на неговата приказна. 

Имено, Алвеш беше погубен во време кога френологијата како наука беше сè уште во зачеток. Оваа дисциплина, која денес се смета за псевдонаука, ја разви германскиот лекар Франц Јозеф Гал. Френологијата тврди дека обликот на черепот го открива карактерот, па дури и склоностите на некоја личност. Затоа не е изненадувачки што португалските френолози се заинтересираа за главата на криминалец како Алвеш.

Диого стана познат постхумно, а главата, заедно со остатокот од неговото тело, инспирираше стрип, измислена биографија, роман, како и нем филм од 1911 година - „Os Crimes de Diogo Alves“ („Злосторствата на Диого Алвеш “).