На колку злато лежи Иловица и колку години би работел рудникот?
Согласно законската обврска, со ревизијата на Геолошкиот завод се потврдуваат рудните резерви што претходно беа утврдени.
Според геолошките истражувања, во наоѓалиштето за бакар и злато Иловица, утврдени се 237 милиони тони ресурси и резерви од 225 милиони тони руда во кои, според проценките, има околу 70 тони злато и 410 илјади тони бакар. Од овие количини, истражувањата потврдуваат искористувања од 86,5 отсто за златото и 84 отсто за бакарот. Површинскиот коп кај Иловица и Штука се предвидуваше да има експлоатација од 10 милиони тони руда годишно. Просечното годишно производство беше проектирано на 95 илјади унци злато и 16 илјади тони бакар. Според количините на руда што ги поседува, рудникот се предвидуваше да работи околу 23 години.
Но, скандирања, свирежи, пароли со народен бунт денес се случија два часа на главната раскрсница во Струмица. Река граѓани од регионот но и од цела држава дојдоа да кажат дека не дозволуваат отворање на рудник над плодното струмичко поле.
Активистите, пак, гласни веќе шеста година, порачаа дека не се уморни. За нив активизмот ќе заврши со конечното затворање на ова прашање.
Дојдоа и министри од владејачката СДСМ, но и градоначалници и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Претходно, министерката Тренчевска одржа прес-конференција пред општинската организација на СДСМ во Струмица. Рече дека одлуката ќе се преиспитува.
Концесионерот Еуромакс, пак, обвинува дека ова е негативна кампања која внесува страв и загриженост кај јавноста. Тие ги повикаа активистите преку дијалог да с еинформираат за сите процеси и предлагаат формирање на „независно тело за мониторинг“ што ќе го следи процесот на реализација и работење на рудникот.