Најбезбедните места на планетата- Тајните бункери: Каков систем за заштита е предвиден за двајцата најмоќни луѓе во светот?
Тајните бункери на лидерите на Русија и на САД секако имаат нешто заедничко - ниту самите претседатели, ниту високите функционери на двете земји не кажуваат ништо за нив, а јавноста има штури информации. Сепак, на виделина има некои информации за засолништата на лидерите на двете светски сили.
Пред три години, во пресрет на првата средба меѓу тогашниот американски претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, Пентагон објави извештај во кој се споменуваат два тајни бункери на Путин, наводно изградени во центарот на Москва - едниот веднаш под Кремљ, а другиот во близина на Москва, покрај Државен универзитет (МСУ). За карактеристиките на тие објекти активно пишуваа западните медиуми, повикувајќи се на документите кои ги објави разузнавачката служба на Министерството за одбрана на САД.
300 метри под земја
Според овие информации, двата бункера се наоѓаат на длабочина од 300 метри и можат да примат до 10.000 луѓе. Тие се меѓусебно поврзани и имаат железничка инфраструктура која им овозможува да стигнат до стратешки важни објекти. Пентагон објави и информации за два специјални бункери во близина на Москва, кои се снабдуваат со храна и други средства за егзистенција неколку месеци. Во случај на нуклеарен напад, од таму може да се водат воени операции.
- Стратешката команда на вооружените сили на САД и американската разузнавачка служба одамна знаат за рускиот систем на заштитени командни пунктови за високо раководство и бројни резервни канали на воени врски - рече Владимир Дворкин, поранешен директор на Четвртиот централен истражувачки институт на Руското Министерство за одбрана.
Ќе има војна дури и ако сите загинат
Американската војска е свесна и дека во Русија има уште еден одбранбен систем, кој ќе се користи во случај на нуклеарен напад од САД.
- Кога Советскиот Сојуз се соочи со американската закана, го формиравме системот „Периметар“ (на Запад познат како „Мртва рака“). Системот е дупликат автоматско командно место, кое веднаш ќе издаде наредба за лансирање ракети, дури и ако е убиено највисокото раководство на земјата - изјави претседателот на Академијата за геополитички проблеми, Леонид Ивашов.
Сите тајни бункери и специјални засолништа во Русија се под јурисдикција на ФСБ и Генералниот директорат за специјални програми на претседателот на Русија, така што нема информации за нив. Сè што знае јавноста беше откриено од архивските документи обелоденети од КГБ.
„Взгљад“ известува дека има уште една подземна резиденција на претседателот и воената команда која се наоѓа на 60 километри од Магнитогорск (регионот Чељабинск) на планините Јамантау, недалеку од планинското одморалиште Абзаково. Се наведува дека бункерот е изграден за време на Студената војна, а во медиумите често се споменува како „бункер на Путин“. Ова е поврзано со пишувањата на „Њујорк тајмс“ во 1996 година, кога известувале за тајна воена база што се гради под земја во таа област.
Засолниште Џон Ф. Кенеди
Во Флорида постои претседателски бункер кој секој можеше да го посети до пред неколку години - тоа е засолништето на Џон Кенеди, кој беше музеј отворен за јавноста од 1998 до 2017 година.
Според Тампа Беј Тајмс, бункерот од 140 квадратни метри бил наменет да ги сокрие претседателот и неговото семејство од нуклеарен напад. Таму 30 луѓе можеле да преживеат еден месец. Заштитен е од радијација, а се наоѓа веднаш до станицата на крајбрежната стража на САД, која би обезбедила заштита во случај на итност. Бункерот сега е затворен.
Бункери под Белата куќа
Според американскиот новинар Роналд Кеслер, кој долго време истражува за животот во Белата куќа, претседателскиот бункер се наоѓа под тревникот пред претседателската резиденција, направен за време кога Обама беше претседател. Изградбата на бункерот траела две години. Кеслер во својата книга пишува дека бункерот има шест ката и дека во случај на евакуација може да ги прими не само Бајден и неговата придружба, туку и сите вработени во претседателската администрација.
„Њујорк тајмс“ напиша дека бункерот на Обама е само дел од засолништето под Белата куќа. Од Втората светска војна таму функционира центар за итни случаи, кој се користи како засолниште за високи функционери во кабинетот на претседателот Џорџ Буш, како Дик Чејни и Кондолиза Рајс, кога терористите ги нападнаа Њујорк и Вашингтон во септември 2001 година. „Њујорк тајмс“ пишува дека и третиот претседателски бункер се наоѓа под Белата куќа и дека бил опремен на почетокот на 1960-тите. Вклучува разузнавачки центар и конференциска сала. Вкупната површина на бункерот е 500 квадратни метри.
Пентагон изгради уште еден бункер на почетокот на 1950-тите, а тој е наменет за евакуација во случај на нуклеарна војна. Се наоѓа на границата на Пенсилванија и Мериленд. Наменет е за претставници на високи владини ешалони и високи воени функционери на САД. Равен Рок Шелтер може да прими 3.000 луѓе во исто време.
Фото насловна: Youtube- screenshoot - FRANCE 24 English/DW Español
Видео: Youtube