Најголемиот ѕвер во Македонија: Кафеавата мечка- симбол на голема издржливост

Најголема меѓу крупните ѕверови присутни во Македонија, со просечна тежина 100-150 кг. каафеавата мечка е недоволно истражено животно кај нас.

Распространета е главно по планинските области од западниот, централниот и јужниот дел на Македонија, повремено се јавува и во источните делови (Малешевски и Осоговски планини.) Според литературните податоци, во Македонија се претпоставува дека живеат околу 160-200 единки.

Има долго кафеаво или светло-кафеаво влакно на крзното, масивно тело, куси предни нозе кои завршуваат со канџи и рудиментирана опашка.

Населува листопадни и мешовити шуми, но неретко се среќава и во пределите над горната шумска граница. Мечката главно е самотно животно, но не е исклучиво територијална. Во неповолни зимски услови паѓа во сон, но не е типичен хибернатор. Индивидуалната територија на една единка варира од 6000 до 22 400 хектари.

Се исхранува пред сé со растителна храна (95%), остатокот (5%) со ларви од мравки, инсекти и лешеви од други животни, ретко напаѓа домашни животни (треварки и месарки). Парењето е кон крајот на мај и почеток на јуни; женката најчесто раѓа 1-2 млади кои се слепи и голи, без крзно. Младите се осамостојуваат по две години, а полова зрелост достигнуваат на 3-4 години.

Таа е трајно заштитен дивеч со Законот за Ловство од 1996 година и новиот од 2009 година.

Кај многу народи на Балканот, во Азија, и кај индијанците во Северна Америка, мечката била сметана за предок на човекот или див човек, па дури и обожувана како Бог. Поради сличноста во движењето кога мечката оди исправена на задните нозе, Гасконците ги нарекуваат „lou Moussu“ – господинот. Еден од најстарите знаци за обожување на мечките го среќаваме во близина на пештерата Ласко (Франција). На ова место бил пронајден гроб на неандарталец стар 70 000 години. Во гробот освен останките од неандарталецот биле пронајдени и останки од кафеава мечка. 

Во пештерата Шове (Франција) се пронајдени повеќе черепи од кафеава мечка распоредени во круг, со еден од нив поставен на карпа во средината. Во Монтеспан (Франција) пронајдена е глинена статуа на мечка која датира од пред 17 000 години. Мечката била сметана за симбол на воскреснувањето и на плодноста.

Кај нашиот народ, иако едно од најопасните животни во светот, мечката од  секогаш се сметала за симбол на неконтролирана сила и голема издржливост. Восхит и страв во исто време.

Н.Т.