Најстрогата мерка во историјата на земјава: ПОЛИЦИСКИ ЧАС
Премиерот Оливер Спасовски ги објави најновите радикални мерки, односно полицискиот час.
„Објавувам дека Владата донесе одлука за уште една мерка, за прв пат во историјата на земјата на целата територија. На седница донесовме одлука за најрадикални мерки, за да го заштитиме здравјето на граѓаните од коронавирусот“, рече Спасовски.
Од утре важи ограничување на движење на сите граѓани, полициски час, се забранува движење на населението од 21 до 6 часот секој ден. Нема компромис со здравјето.
Мерките мора сите да ги почитуваме, само така ќе ги спасиме и народот и државата. Веќе ништо не е исто, животот радикално се промени како кај нас така и во цел свет. Мора радикално да го смениме секојдневието, рече премиерот.
„Ова беше тешка одлука врз основа на стручно мислење на Комисијата за заразни болести. Според нивните анализи за интензивирање на локалното пренесување на вирусот, се налага ваква мерка, за да се спречи натамошно ширење на КОВИД-19“, објасни премиерот.
Од оваа забрана се исклучуват лица кои имаат потреба од итна медицинска помош, животнозагрожувачка состојба, лица на дијализа во придружба од најмалку две лица. Ако порди итноста на здравствената состјба возилото се запре од Полицијата, ќе се проверува оправданоста преку приложување на медицинска документација по завршување на прегледот.
Директорите на ЈЗУ ќе изготват список на лица кои ќе мора да се движат вон тоа време и ќе го дистрибуираат до МВР или друго министерство, за да се изготват специјални пропусници и легитимации. Со тоа МВР ќе има компкетен увид кога овие лица ќе се движат.
Не се опфатени припадниците на МВР, Армијата, противпожарните екипи и вработени во Комунална хигиена кои се на смена.
Да се ограничи бројот на дежурните аптеки на територијата на градовите, и да се назначат од МЗ, МАЛМЕД или ФЗО аптеки кои ќе дежураат во рестриктивниот период. Ќе се дозволи влез на лица само кои се прегледале.
Такси компаниите да воведат дежурства со ограничен број возила. Таксистите да користат маски и ракавици.
Се забранува движење на возила од јавен превоз. Дежурните екипи од ЕВН, Водововод, и Топлификација смеат да се движат само со претходна најава на бројот 192.
За половина се намалува меѓуградскиот превоз, поточно превозните средства можат да примат најмногу една половина од патничките седишта на растојание од најмалку два метри меѓу патниците и исклучиво со маски и ракавици.
Се забранува собирање во групи поголеми од пет лица во сите 24 часа.
Директорите и управителите на погони, фабрики и институции мора да го прилагодат своето работно време и производство согласно забраната за движење.
Во трговските објекти, аптеки или било каде што има шалтери, бројот на граѓаните да се ограничи само колку бројот на касите или шалтерите.
Задржувањето во овие објекти го ограничуваат и одредуваат менаџерите на објектите.
Сите мора да се прилагодиме, порача Спасовски.